БУГАРСКИТЕ ФАШИСТИ ДЕПОРТИРАЛЕ 7.144 МАКЕДОНСКИ ЕВРЕИ ВО ТРЕБЛИНКА, А ТАМУ ГИ ЗАДУШИЛЕ На денешен ден започнало „администрирањето“
Сите македонски Евреи биле депортирани во логорот Треблинка во Полска каде што биле задушени во гасни комори. Никој не се вратил од Треблинка. Не останал ниеден сведок да прераскаже за ужасите на геноцидот на македонското еврејско население. Само документите сведочат за ужасната судбина на Евреите во Македонија.
На денешен ден навршува 81 година од холокаустот на 7.144 македонски Евреи кои бугарските фашисти и германските нацисти ги депортирале во логорот Треблинка на 11 март 1943 година.
Владите на фашистичка Бугарија и нацистичка Германија го организирале овој настан од Втората светска војна, со цел систематска елиминација на еврејското население.
Сите македонски Евреи биле депортирани во германскиот нацистички логор Треблинка на територијата на окупирана Полска, каде што биле задушени во гасни комори. Никој не се вратил од Треблинка. Не останал ниеден сведок да прераскаже за ужасите на геноцидот на македонското еврејско население. Само документите сведочат за ужасната судбина на Евреите во Македонија.
Фашистите и нацистите иселиле околу 11.400 Евреи од Вардарска Македонија, Егејска Македонија и Тракија. Според податоци од октомври 1945 година, на територијата на денешна Македонија останале само 419 лица чијашто заедница денес брои околу 200 лица.
Антисемитизмот во фашистичка Бугарија
Во периодот меѓу 1899-1939 година, антисемитизмот растел во Бугарија, но ситуацијата се влошувала со влошувањето на економската состојба во државата.
Бугарија во јули 1940 година почнува да носи антисемитски закони. Во јануари 1941 година го донесува „Законот за заштита на нацијата. Во 1 март 1941 година, Бугарија станува сојузник на Силите на оската.
Бугарија особено обрнувала внимание на четвртата глава на Законот која се однесувала на имотот на лица со еврејско потекло, како и на петтата глава „За професионалната и економската активност на лицата со еврејско потекло“. Таму се наведувале сите забранети занимања за Евреите, па тие немале можнос да заработат за пристоен живот.
Одземањето на основните граѓански права всушност ја почнало бездушната и систематска ликвидација на Евреите во границата на тогашното Трето Бугарско Царство. Фашистите во Битола ги обележале сите еврејски куќи, трговски и занаетчиски дуќани на 9 април 1941 година. Комисијата на фашистичка Бугарија одговорна за пописот на имотот на македонските Евреи ги конфискувала имотот и други вредности на Евреите. Бугарите и Германците ги уценувале Евреите барајќи им пари или други вредности за да не им ја впишат вистинската вредност на предметите.
Фашистите ги известиле Евреите пачалбари кои биле надвор од родното место дека мора да ѝ платат одредена казна на државата. Печалбарите платиле вкупно 34.000.000 лева казна. Властите ги притвориле и им го конфискувале имотот на оние кои не ја платиле паричната казна.
Притисокот врз Евреите во 1942 година пораснал кога во Битола допатувале тројца специјални инспектори за „еврејското прашање“. Всушност, дошле за да го започнат целосниот геноцид планиран со меѓусебен договор на бугарските и германски фашисти.
Планирање на депортацијата
Бугарската влада му дала налог на Комесарството за еврејски прашања за да направи списоци на целокупното македонско еврејско население. Рокот за доставување на главните списоци бил само неколку дена.
Станувало збор за вкупно 2.150 семејства со 7.762 члена.
Фашистичките влади на Бугарија и нацистичка Германија во тајност ги воделе преговорите за предавање на еврејското население од окупираните бугарски територии. На 22 февруари 1943 година во Софија потпишале спогодба за иселување на 20.000 Евреи од териториите под окупација на Бугарија, односно од Тракија и од Македонија. Иселувањето се реализирало во Полска. Спогодбата е донесена по одобрување на Министерскиот совет на Бугарија и во неа се утврдени појдовните железнички станици.
Апсење на Евреите во Македонија
Во ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година, фашистите ги блокирале градовите Битола, Штип и Скопје, а бугарската војска и полиција ги опколиле еврејските населби. Почнале да ги собираат Евреите во утрината на 11 март. По неколку вооружени полицајци, агенти и војници оделе од куќа до куќа и ги собирале Евреите. Ги товареле жените, децата и болните во камиони или во шпедитерски коли. Им го пљачкосувале на имотот уште на самите домови на Евреите додека ги собирале.
Нацистите и бугарските фашисти и наложиле на Главната дирекција на железниците со специјални возови да ги превезува Евреите до местата определени од страна на Комесарството за еврејски прашања.
Во Скопје, ги приспособиле зградите на скопскиот Државен монопол за логор. Иако бугарските фашисти и германските нацисти тајно и преку разни канали ги спроведувале подготовките, меѓу кои и преку активисти од Народноослободителното движење, се дознало дека се подготвува нешто против Евреите.
Не се знаело колкумина и каде ќе бидат интернирани (во Бугарија или на друго место). Не се знаело ништо за логорите на смртта . Фашистичкиот печат велел дека Евреите ќе бидат одведени на принудна работа.
Германските и бугарските фашистички органи го организирале депортирањето на Евреите во 3 етапи. Првиот транспорт на скопските Евреи започнал на 22 март 1943 година. Вториот транспорт со дел од скопски, сите штипски и група битолски Евреи започнал на 25 март. Третиот транспорт започнал на 29 март со околу 2.500 лица.
Сите Евреи од Македонија биле депортирани во логорот Треблинка во Полска каде што биле задушени во гасни комори.
Еврејската заедница во Република Македонија (ЕЗРМ) и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија денеска одбележуваат 81 година од холокаустот.