БУГАРИТЕ ПАК ЌЕ ГЛАСААТ НА 27 ОКТОМВРИ Седми обид Софија да добие стабилна влада
Бугарија не успеа да формира стабилна влада откако антикорупциските протести ја соборија владејачката коалиција предводена од централно-десничарската партија ГЕРБ во 2020 година.
На 27 октомври Бугарија ќе ги одржи седмите парламентарни избори во последните три години, најави претседателот Румен Радев, откако актуелните парламентарни партии не успеаја да формираат влада.
Радев најави дека утре во Народното собрание заклетва ќе положи новата техничка влада на Димитар Главчев, која ќе ја води државата до изборите.
Бугарија не успеа да формира стабилна влада откако антикорупциските протести ја соборија владејачката коалиција предводена од централно-десничарската партија ГЕРБ во 2020 година.
Претходно, Радев ја продолжи уставната процедура за именување привремена влада на Бугарија, откако одби да го потпише указот привремена премиерка да биде Горица Гранчарова Кожарева, поради присуството на министерот за внатрешни работи Калин Стојанов во нејзината влада. Калин Стојанов е спорна фигура поради неговата наводна поврзаност со Делјан Пеевски, олигархот кој поради обвинувања за корупција е под санкции на САД и на Велика Британија. Но, Пеевски е и претседател на Движењето за права и слободи (ДПС), во моментов втора политичка сила во земјата.
На петтите по ред избори во последниве две години, во Бугарија на 9 јуни, стана јасно дека пак нема да биде избрана политичка влада, најмногу гласови доби коалицијата ГЕРБ-СДС на поранешниот премиер Бојко Борисов, освојувајќи 68 од вкупно 240 мандати во бугарското Народно собрание. Движењето за права и слободи (ДПС) освои 47 мандати, а листата „Промените продолжуваат“ – Демократска Бугарија (ПП-ДБ) освои 39 мандати. Партијата „Препород“ освои 38 мандати, а жестоко паднаа Бугарската социјалистичка партија (БСП) на 19, „Има таков народ“ на 16 и „Величие“ на 13 мандати.
По одлуката на претседателот Румен Радев да не го потпише указот со кој ќе се одобри формирање на преодната влада на Гранчарова Кожарева, парламентарните избори во Бугарија, кои беа закажани за 20 октомври, се одложени на неодредено време.
На Бугарија очајно ѝ треба период на стабилна влада со цел да се забрза доаѓањето до европските фондови, неопходни за реконструкција на застарената инфраструктура. Политичкиот ќорсокак го загрозува и планот на Софија за приклучување кон Шенген и еврозоната. Не е за потценување и фактот дека Софија без стабилна влада не може да врши притисок врз Брисел и врз Скопје за внесување на Бугарите во македонскиот устав.