БРЗО ЗАВРШИ „ПРИЈАТЕЛСКИОТ МУАБЕТ“ МЕЃУ САД И ЕУ ВО МИНХЕН Каја Калас остро му реплицираше на Марко Рубио, но – што со тоа?
Американците нема да ја напуштат Европа. Оваа порака на државниот секретар на САД, Марко Рубио, може да се толкува како помирувачка, но и како отрезнувачка за воинствените Европејци. Американците не се повлекуваат и од своите стратешки позиции за глобалните прашања. На Европа е да ги усогласи своите, а потоа и со САД. Соработниците на Трамп сигурно со внимание ќе ги исчитаат бројките на Каја Калас за вредностите на „европскиот модел“, но има и некои други, многу поважни бројки, кои покажуваат дека американското воено присуство и придонес за европската безбедност се критички важни и ненадоместливи најмалку во следните пет до десет години.
По настапот на американскиот државен секретар Марко Рубио на Минхенската безбедносна конференција, кој беше оценет како поумерен и дури и помирувачки во однос на трансатлантските односи, се очекуваше деескалација на релацијата Вашингтон – Брисел. Дотолку повеќе што за разлика од остриот настап на Џеј Ди Ванс лани во Минхен, Рубио сега стави акцент на заедничките закани, особено на руската агресија, на глобалната нестабилност и на безбедносните предизвици што бараат координиран одговор на САД и на Европа.
Клучен акцент од говорот на Рубио беше НАТО како централна оска на западната безбедност. Рубио потенцираше дека трансатлантското партнерство останува незаменливо и дека во економско-геополитичка смисла, САД ја гледаат Европа како клучен стратешки партнер, а не како слаб сојузник. Тој зборуваше за потребата од заедничка технолошка и економска стратегија, особено во контекст на конкуренцијата со Кина и на реструктурирањето на глобалните синџири на снабдување.
Рубио не пропушти да упати и повик за поголема европска одговорност во одбраната, но остана впечатокот дека тој внимателно избегна конфронтациска реторика. Наместо директна критика, Рубио ја формулираше пораката како заедничка распределба на товарот во рамките на Алијансата, што беше протолкувано како дипломатски балансиран пристап.
Репликата на Каја Калас: Европа не слабее, таа е моќен партнер!
Но, кога сите се понадеваа дека овој своевиден пресврт ќе внесе нова надеж за подобрување на односите меѓу САД и ЕУ, се покажа дека важи старата добра поговорка – ништо не е готово, додека навистина не е готово.
Шефицата на европската дипломатија Каја Калас на Минхенската безбедносна конференција настапи со директна и прилично остра реплика на наративот за „слабеењето на Европа“, кој индиректно се провлекуваше во дебатата, иако не баш во говорот на Рубио. Калас експлицитно ја отфрли тезата дека Европа е во опаѓање и нагласи дека ваквите оценки се политички, а не фактички засновани, инсистирајќи дека ЕУ останува економски и институционално стабилен глобален центар на моќ.
Повикувајќи се на бројките – БДП, пазарната големина и трговската тежина на Европската унија – како контрааргумент на перцепцијата за европска слабост, Калас поентираше дека Европа и понатаму е еден од најголемите економски блокови во светот и дека нејзината индустриска, технолошка и регулаторна моќ не може да се сведе на политички клишеа за „пропаѓање“.
Таа исто така индиректно сигнализираше дека европската безбедносна политика не смее да се гледа низ призма на зависност од САД, туку како партнерство. Во тој контекст, Калас повтори дека европските земји значително ги зголемиле трошоците за одбрана по руската агресија врз Украина, што, според неа, ја демонстрира стратешката зрелост на Унијата.
Дополнително, важен сегмент од нејзината реторика беше одбраната на европскиот политички модел. Таа нагласи дека демократијата, владеењето на правото и институционалната стабилност се долгорочни предности на Европа, кои често се потценуваат во геополитичките анализи што се фокусираат исклучиво на воената моќ.
Калас исто така се обиде да ја префрли дебатата од перцепција кон реални капацитети, посочувајќи дека Европа носи значаен товар во поддршката на Украина – финансиски, хуманитарно и воено. Со тоа, таа практично аргументираше дека европската улога во безбедносната архитектура на Западот е структурна, а не секундарна.
„Цврстината“ на Европската унија нема да се мери со реплики, туку со други аршини
Кога ќе се анализираат двата настапа заедно, се добива слика за суптилна реторичка дисонанца – Рубио настапуваше со помирувачка и кооперативна рамка, додека Калас реагираше дефанзивно кон наративите за европска слабост. Тоа укажува дека и покрај формалното единство околу Украина и безбедноста, под површината сè уште постои борба за гео-политички наратив и за позиционирање на Европа како рамноправен, а не како периферен столб на западниот сојуз.
Но, „цврстината“ на Европската унија нема да се мери според двата говора, туку првенствено според тоа дали земјите членки на ЕУ ќе успеат да изградат единствена стратегија и одговор за одлучното барање на украинскиот претседател Володомир Зеленски неговата земја итно да биде примена во Унијата, а дури потоа да преговара за исполнување на стандардите и на критериумите за прием.
Не е случајно тоа што американскиот државен секретар Марко Рубио ќе има средби со раководствата на Словачка и Унгарија веднаш по Минхенската безбедносна конференција. За 15 февруари (недела) се закажани средби на Рубио со државниот врв во Братислава, а на 16 февруари (понеделник) неговата мини централно-европска турнеја завршува во Будимпешта со средба со Виктор Орбан. Освен што Вашингтон цели кон зајакнување на врските со земјите од Централна Европа, особено оние што често имаат поинакви позиции во рамките на ЕУ, важен момент е што Фицо и Орбан се поевроскептични и понекогаш поблиски до поумерени позиции кон Русија одошто до воинствената реторика на Калас или на челниците на НАТО.
Многу е важно и тоа што Словачка и Унгарија се резервирани кон идејата за „итен“ или забрзан влез на Украина во Европската унија. Орбан остро се противи на брза интеграција на Украина во ЕУ, нагласувајќи дека еден таков потег може да ја донесе војната во Ецвропа. Будимпешта повеќепати аргументира дека Украина не ги исполнува економските, институционалните и правните критериуми за членство и дека евентуално брзо проширување би имало сериозни буџетски и аграрни последици за сегашните членки. Унгарската влада исто така ја врзува темата со правата на унгарското малцинство во Закарпатието и со пошироката критика кон санкциската и безбедносната политика на ЕУ.
Словачката позиција е покомплексна и пофлуидна, во нема дилеми дека и владата во Братислава изразува резерви кон забрзани процедури и политички мотивирано проширување. Премиерот Роберт Фицо во повеќе наврати нагласува дека проширувањето мора да остане процес базиран на критериуми, а не на геополитички импулс.
Никој не го поддржува барањето на Зеленски „прво прием во ЕУ, после преговори“
Кон ова треба да се додаде и фактот дека и Полска, земја која е еден од најсилните и најконзистентни поддржувачи на европската интеграција на Украина, вклучително и за забрзан пристапен процес, сепак не инсистира на формално „инстант членство“ преку заобиколување на процедурите, туку политички забрзан и стратешки приоритетен процес на пристапување. Аналитичарите не пропуштаат да нагласат дека Полска, иако политички ја поддржува интеграцијата на Украина, во пракса има сериозни спорови со Киев околу земјоделските производи, пазарната конкуренција и транспортот.
Во овој момент, практично ниту една држава членка на ЕУ официјално не промовира модел „прво членство, па потоа исполнување на критериумите“ за Украина. Постои политички блок што промовира „максимално забрзан“ или „геополитички приоритетен“ прием, што во медиумски дискурс често се толкува како де факто скратен процес. Најгласни поборници за забрзан пристап на Украина се балтичките држави – Естонија, Летонија и Литванија. Чешка, Шведска и Финска исто така ја третираат украинската кандидатура како стратешки проект на Унијата, но и тие инсистираат на реформи во таа земја, особено во делот на корупцијата и судството.
Конечно, пресудно е што најмоќните западноевропски сили – Германија, Франција, Холандија – се јасно против идејата за итен прием без исполнети критериуми. Нивниот став е дека секое политичко скратување на процесот би го поткопало кредибилитетот на проширувањето и би создало преседан за другите кандидати од регионот Западен Балкан.
Во пракса, најрадикалната формула што циркулира во политички дебати е „постепена интеграција пред членство“ – на пример, пристап до единствениот пазар, до фондовите или до безбедносните механизми, додека траат преговорите. Ова е компромисен модел што добива сè повеќе внимание во Брисел.
Може ли Европа да се одбрани сама, без помош од САД – за пет до десет години, можеби…
Говорот на Рубио во Минхен и неговите средби во Братислава и во Будимпешта треба да се гледаат и во контекст на подготовките на администрацијата на Доналд Трамп за следната рунда преговори за мир во Украина. Иако репликата на Калас во Минхен потсети на воинствената реторика на ЕУ во поддршката на Украина во војната со Русија, факт е дека и во Брисел во последно време се почесто се слушаат гласови на разумот, односно прифаќање на геополитичката реалност, според која Европа би можела сама, без поддршка од САД, да се одбрани од „стратешкиот непријател“ Русија, но не сега, туку дури после пет до десет години. Стратешки студии проценуваат дека толку време и многу сериозни вложувања ѝ се потребни на Европа да ја надомести критично важната американска воена инфраструктура на стариот континент. Без Американците на европско тло, Европа практично е без нуклеарен чадор, без стратешка авијација и без глобална логистика.
САД во Европа сега имаа повеќе од 40 воени бази и воени локации, од кои 31 се постојани бази, а другите се дополнителни гарнизони, ракетни системи, аеродроми, складишта… Најголемата концентрација на оваа инфраструктура е во Германија, Италија, Велика Британија, Полска и Романија. Ова значи дека САД имаат практично трајна воена инфраструктура по целата европска безбедносна оска – од Арктикот (Гренланд) до Црното Море и до Турција.
Бројката на американски војници во Европа варира од 80.000 до 100.000, но треба да се нагласи дека пред 2022 година таа бројка била од 60.000 до 65.000. По почетокот на војната во Украина, американските трупи во Европа се засилени со 20.000 нови воујници. Аналитичарите се едногласни во оценката дека тоа е најголемо американско воено присуство во Европа од крајот на Студената војна. Кон ова треба да се диодаде и фактот дека Америка располага со 90 до 130 нуклеарни боеви глави во Европа, распоредени главно во Германија, Италија, Белгија, Холандија, Турција и делумно во Велика Британија во поширок систем). Не се за потценување потенцијалот во стратешката авијација (Ф-15, Ф-16 и Ф-35, како и стратешките бомбардери Б-52, носачи на авиони во Медитеранот и во Атлантикот како дел од Шестата флота на САД, командната архитектура, стратешкиот транспорт, сателитското разузнавање, логистиката итн.
Во деновите што претстојат ќе се види дали после подадената рака на Минхенската безбедносна конференција и по острата реплика на Каја Калас најмоќните европски земји ќе се потрудат заедно со администрацијата на Трамп да извршат притисок врз завојуваните страни да седнат на преговарачќка маса и конечно да се договорат, или, пак, Европа и натаму ќе се двоуми меѓу признавањето на очебијниот факт дека трансатлантското присуство е столб на нејзината безбедност (како што ќе признае и Марк Руте, генералниот секретар на НАТО) и форсирањето на реторика која значи подгревање на надежите на Зеленски дека Украина ќе биде примена во Европската унија без преговори и потоа цела Европа на некој начин ќе биде во војна со Русија,