БИВШ ШЕФ НА ГУГЛ ШИРИ ПАНИКА Во следните 15 години милиони луѓе ќе изгубат работа поради вештачката интелигенција?

Поранешниот директор во Гугл Икс и актуелен јавен говорник, Мо Гавдат, предупредува дека револуцијата на вештачката интелигенција ќе предизвика масовни отпуштања, длабока економска нееднаквост и социјален хаос. За разлика од претходните технолошки промени што ги погодија физичките работници, овој пат најмногу ќе настрадаат образованите професионалци и средната класа, која е столбот на модерните економии, смета Гавдат.

963

Глобалните технолошки гиганти постојано тврдат дека вештачката интелигенција ќе донесе „златна ера“ за човештвото – во која сите болести ќе бидат излекувани, луѓето ќе живеат во изобилство, а работниците ќе имаат натчовечки способности. Но, поранешниот извршен директор на Гугл Икс, Мо Гавдат, предупредува дека оваа технологија всушност ќе уништи огромен број работни места.

Тој предупреди дека вештачката интелигенција ќе го вовлече глобалното општество во повеќе од една деценија сериозни нарушувања и тешкотии, бидејќи ќе елиминира многу административни и канцелариски работни позиции, а ваквото сценарио би можело да започне уште во 2027 година, објави Њујорк пост.






„Работата ќе ја задржат само најдобрите“

– Глупост е да се тврди дека вештачката интелигенција ќе создава работни места. Наредните 15 години ќе бидат пекол пред да стигнеме до рајот. Ќе опстанат само најдобрите во својата работа, најдобриот софтверски инженер, оној што ја разбира архитектурата, технологијата – ќе остане… но само уште некое време – изјави Мо Гавдат во понеделникот во поткаст на британскиот претприемач Стивен Бартлет.

Гавдат, кој има 58 години, го наведе како пример својот сопствен стартап „Emma.love“, кој развива вештачка интелигенција насочена кон емоции и меѓучовечки односи. Компанијата, според него, денес ја водат само три лица.

– Порано, ваков стартап ќе имаше 350 програмери. Дури и водителите на поткасти ќе станат непотребни – изјави тој.

Како поранешен главен директор за бизнис во Гугл Икс, кој ја напушти компанијата во 2018 година и стана популарен автор и јавен говорник, Гавдат дава мрачна слика на масовни отпуштања, економска нееднаквост и на социјален хаос како последица од револуцијата на вештачката интелигенција.

Автоматизацијата ќе ги погоди образованите професионалци

За разлика од претходните технолошки револуции кои претежно ги погодија физичките работници, Гавдат тврди дека новиот бран на автоматизација ќе биде насочен кон образованиот кадар и кон средната класа – основата на модерните економии. Тој смета дека масовните отпуштања ќе создадат опасно ниво на економска нееднаквост.

Ако не се воспостави соодветна регулација од страна на државите, технологијата на вештачката интелигенција ќе пренасочи невидено богатство и моќ кон оние кои ја контролираат, додека милиони работници ќе се борат за свое место во новата економија, вели Гавдат, инаку роден Египќанец.

Иако визијата за компании без луѓе, управувани само од роботи, звучи дистописки, Гавдат не ја гледа самата вештачка интелигенција како „виновник“ за губење работни места. Вистинскиот проблем, според него, се алчните директори кои ѝ дозволуваат на технологијата да го преземе човечкиот труд во трка по профит.

– Со вештачката интелигенција апсолутно нема ништо лошо, проблемот е во вредносниот систем на човештвото во ерата на машините. А најголемиот вредносен систем денес е капитализмот. А што е капитализмот? Преговарање со трудот – изјави Гавдат.

И извршните директори ќе бидат заменети

Но, директорите не треба прерано да се радуваат на зголемената ефикасност. И нивните работни места се загрозени, предупредува Гавдат.

– Извршните директори слават што можат да отпуштаат луѓе и да ја зголемат продуктивноста и да ги намалат трошоците, бидејќи ВИ може да ја заврши нивната работа. Но, не размислуваат дека и самите ќе бидат заменети од вештачка интелигенција. Општата вештачка интелигенција ќе биде подобра од човекот во сè, вклучително и во водење на компании. Треба да си ја замислиме иднината во која неспособните директори ќе бидат заменети со алгоритми – објаснува тој.

Освен економските последици, Гавдат предвидува сериозни социјални потреси поради оваа трансформација. Тој верува дека вештачката интелигенција ќе предизвика големи социјални немири поради губење на егзистенција и на животна цел, што ќе доведе до пораст на ментални нарушувања, осаменост и на социјални поделби.

– Ако не сте во најгорните 0.1%, ќе бидете заменлив пиун. Средната класа повеќе нема да постои – вели Гавдат, но додава дека „пеколниот период“ ќе биде проследен со „утописка“ ера што ќе започне по 2040 година, кога работниците ќе бидат ослободени од здодевните и повторливи задачи.

„Човештвото е фокусирано на конзумеризам и на алчност“

Наместо да бидат опседнати со „конзумеризам и алчност“, луѓето, според Гавдат, можат да бидат водени од „љубов, заедништво и од духовен развој“.

Тој смета дека владите, компаниите и поединците имаат обврска да преземат проактивни мерки, како воведување на универзален основен доход, за да им го олеснат преминот на луѓето во новата ера.

Гавдат тврди дека исходот ќе зависи од тоа како ќе се регулира вештачката интелигенција, дали ќе има фер пристап до технологијата и дали ќе се развијат етички алгоритми, што тој го нарекува „морално програмирање“.

– Нашиот последен голем момент како вид можеби ќе биде начинот на кој ќе се прилагодиме, ќе го редизајнираме и ќе го хуманизираме овој нов свет – заклучува тој.

Поврзани содржини