БЕЗБОЛНА ЗАМЕНА ЗА БОЛНАТА КОЛОНОСКОПИЈА Мини роботи ќе откриваат рак на дебело црево

Тестовите врз животни веќе покажаа охрабрувачки резултати - мини роботите кои се движат низ дигестивниот тракт успешно се движат низ цревата и со голема прецизност ги бележат промените во ткивото, вклучително и ракот на дебело црево.

54

Британски научници развија иновативна технологија којашто би можела да го промени начинот на дијагностицирање и лекување на ракот на дебелото црево – една од најсмртоносните болести на нашето време.

Станува збор за „мини-роботи“ во капсули – големи колку паричка, направени со 3Д-печатење, коишто се движат низ дигестивниот тракт и прават тродимензионални слики од ткивото во реално време, објави Универзитетот на Лидс.






– Ракот на дебелото црево е втора најчеста причина за смрт од рак во светот. Најголемиот проблем е што болеста често се открива доцна, кога можностите за лекување се ограничени. Затоа секоја иновација што ја забрзува и поедноставува дијагностиката е од огромно значење, а новата технологија „претставува чекор кон иднината во којашто раното откривање нема да се сведе на непријатни и инвазивни процедури, нагласуваат авторите на студијата.

Роботите се движат низ цревата со помош на надворешно магнетно поле контролирано од лекари. Нивната способност е прецизно да ја мапираат внатрешноста на цревата и тоа дава увид во можните промени што можеби укажуваат на рана фаза на рак – објави „Медскејп“ (Medscape).

Тоа значи дека, за разлика од класичните методи, оваа технологија нема да опфаќа непријатни прегледи како што е колоноскопијата.

– Целта е да им се обезбеди на пациентите безболен, брз и точен преглед што ќе овозможи болеста да се открие рано… Ракот на дебелото црево е болест што можеме да ја победиме само ако ја откриеме навреме“ – нè потсетуваат британските лекари и истражувачите од британскиот Универзитет, кои стојат зад научниот проект.

Инаку, првите тестови врз животни веќе покажале охрабрувачки резултати – роботите успешно се движат низ цревата и со голема прецизност ги бележат промените во ткивото.

Следната фаза се клиничките испитувања врз луѓе, коишто според планот на тимот, би можеле да почнат во текот на следната година. Доколку се потврдат очекувањата, оваа технологија би можела да стане составен дел од рутинските прегледи и да ја замени класичната колоноскопија.

Покрај 3Д-снимањето, роботите во иднина би можеле да бидат опремени и со алатки за земање примероци или дури и насочено доставување лек директно во заболеното ткиво. Ова би отворило можности за персонализирана терапија и значително би ја намалило потребата од хируршки зафати. Затоа, иновации како оваа даваат нова надеж дека прегледите ќе бидат побрзи, побезболни и многу поделотворни во иднина.

Поврзани содржини