📽️ 📷 БЕЗ ЈАЖЕ ДО ВРВОТ НА „ТАЈПЕЈ 101“ Фри соло искачување на најпознатата кула во Тајван
Подвигот на светски познатиот „фри соло“ алпинист беше пренесуван во живо и предизвика воодушевување, но и загриженост.
Американскиот алпинист Алекс Хонолд изведе уште еден потфат што го остави светот без здив – без јажиња и без заштитна опрема се искачи на облакодерот „Тајпеј 101“, висок 508 метри.
Хонолд стигна до врвот на кулата за околу 90 минути, движејќи се по агол од зградата и користејќи мали метални изданоци и архитектонски елементи како единствени потпори. Облечен во црвена маица со кратки ракави, на самиот врв ги крена рацете над главата и им мавташе на стотиците луѓе кои го следеа искачувањето од плоштадот под зградата.
– Погледот беше неверојатен. Само си велев – не паѓај од кулата. Беше многу ветровито, па постојано морав да балансирам – изјави Хонолд по искачувањето, додавајќи дека тоа бил еден од највпечатливите начини да се види Тајпеј.
Најтешкиот дел од искачувањето, според него, бил средниот сегмент од зградата – таканаречените „бамбусови кутии“, кои го даваат препознатливиот изглед на облакодерот. Станува збор за 64 ката со стрмни и надвиснати делови, каде што Хонолд морал да маневрира по украсни конструкции, повремено правејќи кратки паузи на балконите.
View this post on Instagram
Искачувањето беше пренесувано во живо на „Нетфликс“, со минимално 10-секундно задоцнување, а првично планираниот датум беше поместен за еден ден поради дожд.
За Хонолд, кој најчесто се искачува во оддалечени и ненаселени области, публиката претставувала дополнителен предизвик.
– На почетокот беше малку интензивно, толку многу луѓе те гледаат. Но, чувството беше речиси празнично. Сите навиваа и ми посакуваа среќа – рече тој.
View this post on Instagram
Овој подвиг повторно ја отвори дебатата за ризикот и етиката на вакви екстремни искачувања во живо. Иако Тајпеј 101 и претходно бил искачуван, Хонолд е првиот човек што го направил тоа без јаже. Францускиот алпинист Ален Робер се искачи на зградата во 2004 година, но со безбедносна опрема.
Хонолд е светски познат по „фри соло“ искачувањето на карпата Ел Капитан во Националниот парк Јосемити, документарец што во 2018 година освои Оскар и го вброи меѓу најсмелите алпинисти на сите времиња.
View this post on Instagram