На падините на Пелистер, на патеката од Копанки до Детското одморалиште, се одржаа финалните трки на десеттиот по ред Пелистер даунхил куп, со рекорден број на учесници. Се натпреваруваа 84 домашни и странски бајкери, кои викендов престојуваа на Пелистер, а во неделата се одржа и финалната трка.
Бајкерите, односно велосипедистите, кои возат во ридско-планински услови, се натпреваруваа во шест категории, а за прв пат имаше категорија во која се натпреваруваа припадничките на понежниот пол.
Општина Битола беше поддржувач на овој адреналински настан, а на возачите со најдобри времиња, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски им додели награди, честитајќи им ја победата. Коњановски нагласи дека Пелистер има одлични услови за современите спортови, а локалната самоуправа и натаму ќе биде нивен поддржувач.
Во категоријата елита, најдобро време имаше Андреас Теодору од Кипар, во категоријата хоби Кристијан Угриновски од Македонија, кај јуниорите најдобар беше 15-годишниот Марко Ламарис од Грција, во категоријата мастер Јовче Даскаловски од Македонија, во мини јуниори Георги Атанасов од Бугарија и кај жените со најдобро време беше Гркинката Евелина Зафеири.
Организатори на настанот се Екстрим бајк тим Битола.