БАЈДЕН И ПУТИН РАЗМЕНИЈА ПОРАКИ, ЗАГРИЖЕНОСТА ОСТАНА Ќе добијат ли шанса разумот и дипломатијата?

Малку веројатно да се случи воен напад на Русија врз Украина. Разместување на воена сила и техника е само начин Путин да биде слушнат од Западот. На овој начин САД се повикуваат да бидат сериозни околу руската загриженост и да се отвори продуктивен дијалог за решавање на проблемот, тврдат руски критичари на Путин, но и угледни меѓународни експерти.

620

Американскиот претседател Џо Бајден ја изрази длабоката загриженост на САД и на европските сојузници за руската ескалација на сила околу Украина, давајќи до знаење дека САД и сојузниците ќе одговорат со силни економски и други мерки во случај на воена интеревенција, се наведува во електронската пошта испратена од Белата куќа до американските медиуми по денешната видео конференциска врска меѓу Бајден и рускиот претседател Владимир Путин.

Пораката на Кремљ е САД да ветат дека нема да дозволат Украина да влезе во НАТО. Москва бара гаранции НАТО да не се шири на исток, на пример до Грузија и да не се изведуваат воени активности во и околу Украина.






Од друга страна, Бајден во петокот изјави дека САД немаат намера да потклекнат на руските барања.

– Не прифаќам никакви црвени линии – изјави тогаш тој.

Во текот на разговорот, Бајден изразил поддршка за територијалниот суверенитет и интегритет на Украина и повикал на деескалација и прибегнување кон дипломатија, се вели во соопштението.

Разговорот траел два часа, на крајот лидерите им дале задачи на своите соодветни тимови меѓусебно да се информираат за постигнатото.

На брифингот за новинарите синоќа, портпаролката Џен Псаки истакна дека целта на Бајден не се променила од самиот почеток – да не ескалираат тензиите со Русија, туку „да се придвижиме кон постабилен терен во нашите односи“.

Таа посочи дека никому не е јасно дали Путин има донесено одлука за инвазија на Украина и дали тоа навистина ќе се случи.

Никој во администрацијата не одговара колку далеку можат да одат САД, вклучитено и употреба на воена сила, во случај Русите навистина да нападнат и да извршат инвазија на земјата.

Руски опозициски политичари, вклучително и остри критичари на Путин, како Андреј Иларионов, поранешен негов советник по економски прашања, укажуваат дека е малку веројатно да се случи воен напад на Русија врз Украина и дека она што моментално се говори во САД е пропаганда, подготвена од јастреби во американската армија.

Според експертите, разместување на воена сила и техника е само начин Путин да биде слушнат од Западот, кој воопшто не треба да размислува за поставување ракетни системи на НАТО на територијата на Украина, слични на оние поставени во Полска и во Романија и да не изведува провокативни воени вежби во Црното Море, вклучително и летови на стратешки бомбардери во близина на воздушните граници на Русија.

– На овој начин САД се повикуваат да бидат сериозни околу руската загриженост и да се отвори продуктивен дијалог за решавање на проблемот – изјави Димитриј Тренин, директор на Центарот Карнеги во Москва.

Американскиот претседател Џо Бајден ќе разговара со францускиот претседател Емануел Макрон, со германската канцеларка во заминување Ангела Меркел, со италијанскиот премиер Марио Драги и со британскиот премиер Борис Џонсон, за исходот од денешниот руско-американски видео-самит, соопшти Белата куќа.

Лидерите на Велика Британија, Италија, САД, Франција и Германија изразија загриженост на вчерашниот состанок поради „сè поострата руска реторика“ во врска со Украина, ја повикаа Русија да ги деескалира тензиите и се согласија дека дипломатијата, особено во рамки на „Нормандискиот формат“, е единствен начин за решавање на конфликтот во Донбас со спроведување на договорот од Минск.

„На вчерашната средба, лидерите се согласија да останат во близок контакт во однос на координиран и сеопфатен пристап како одговор на зајакнувањето на руските трупи на границите на Украина“, се вели во соопштението.

Поврзани содржини