ПОСТОЕЛА ЛИ АТЛАНТИДА? Серија на Нетфликс ги разбесни археолозите

Прашањето е колку овие шоуа и емисии ги хранат теоретичарите на заговори и дали постојат „добри“ и „лоши“ емисии од ваков тип? Дали зборуваме за табу во археологијата или за обичен маркетиншки трик?

843

Новиот хит на Нетфликс, серијата Античка апокалипса е чудна „патка“: документарна серија снимена на многу прекрасни и историски локации (Турција, Мексико, Индонезија, … ух, Охајо) која промовира провокативна теза насочена токму кон археолозите.

Нејзиниот автор, Греам Хенкок тврди дека не само што нашите сфаќања за првите цивилизации треба да бидат поместени барем неколку илјади години наназад, туку и дека разните мегалитски наоѓалишта поентираат на тоа дека постоела можеби и една напредна цивилизација пред Ледена ера налик на митската Атлантида, значи пред 12.000 години!






Во шоуто со импресивни снимки од дронови на пирамидите во Мексико, на заборавени наоѓалишта во Малта и каде сѐ не, Хенкок вели и дека во приказната се совпаѓа фактот што речиси секоја култура во светот има стара приказна за некаков „библиски“ потоп во кој некој спасител како Ное дошол и му ги предал на човештвото остатоците од она вредно знаење кое го имала таа „Атлантида“. Такви митови има во Египет, Мексико…

Уште повеќе, Хенкок вели дека оваа цивилизација имала способност да направи мапи на светот кој тогаш, пред времето на топењето на снеговите од Леденото доба вклучувал многу повеќе копна и острови. Тој овие копна и острови ги наоѓа во европските мапи од Новиот век велејќи дека картографите кои ги правеле морале да препишуваaт или да се базираат на постари знаења кои одат до Александриска библиотека, можеби и порано.

Секако, тешко е да се докаже дали овие карти кои покажуваат копна кои не постојат се фикција на картографите. Она што е убаво за гледање е како Хенкок со своите пријатели нурка за во водата да најде камена структура, налик на калдрма, само со големи камења кои како да биле направени од човек. Науката нема објаснување за нив, а тоа е доволно за секој да може да зачне сопствена квази-приказна.

Дали модерната археологија треба да биде обвинета дека одбива да се бави со работите кои не може да ги објасни? Со, на пример, големите камени блокови исечени како со ласер кои се толку тешки што за да ги пренесете и да направите пирамида – бидејќи сите вакви наоѓалишта често вклучуваат пирамидести структури – ви треба некаква напредна технологија?

Не, шоуто не поентира на вонземјани или некакви теории на заговор како што тоа обично се случува кај „надри“-научниците кои ги заговараат овие теории. Па сепак, не може да не се сокрие впечатокот дека шоуто ги сумира сите оние такви тези на еден благ начин, притоа заведувајќи го гледачот дека се работи за една благородна кауза во науката, за кршење на табу слично како на пример, гледиштето на Руперт Шелдрејк дека денешната физика не може да се оттргне од научниот материјализам, а треба да се приклони кон научниот „идеализам“ и притоа да почне да ги истражува сите паранормални или навидум паранормални појави околу нас.

Мејнстрим медиумите во западната полутопка гледаат на Хенкок како на измамник. Но, дали навистина е така? Дали неговиот повик кон археолозите едноставно да ги преиспитаат своите тези и конечно да признаат дека немаат поим за тоа што се случувало во наоѓалиштата, како на пример, Гобекли Тепе во Турција е нешто кое е реална дупка во науката?

После сѐ, фактот што Гобекли Тепе е старо барем 10-12.000 години по себе отвора безброј прашања. Премногу ли е тешко да прифатиме дека ете, можеби, навистина постоела една развиена цивилизација и дека по големиот „потоп“, кој според Хенкок не е само метафора или приказна која Платон ја слушнал од дедо си, како што самиот Платон тврди?

Можеби проблемот е комерцијалното постмодернистичко милје кое стои зад овие теории. Сензационализмот кој секогаш постои кога гледаме, на пример, една документарна емисија за Стоунхенџ и за тоа како неговата поставеност е токму на пролетната, односно зимската рамноденица или нешто слично на тоа.

Прашањето е колку овие шоуа и емисии ги хранат теоретичарите на заговори и дали постојат „добри“ и „лоши“ емисии од ваков тип? Дали зборуваме за табу во археологијата или за обичен маркетиншки трик?

Тука не зборуваме за теориите на заговор како што се генетската модификација на човечкиот род популаризирана од Захарија Сирчин или неверојатните теории дека Еѓипќаните ги користеле пирамидите за да добиваат бесплатна електрична енергија по теркот на Никола Тесла.

Апсолутно не. Тука не зборуваме ни за метафоричкото значење на таа „Атлантида“ како исконскиот Крит на кој се метнале старите Хелени, ниту пак Атлантида за која зборуваат теозофите Рудолф Штајнер или мадам Хелена Блаватски. На пример, за пикантерии од типот дека таа цивилизација можеби имала некаков вид социјализам, а дека се базирала на матријархалниот принцип и дека кај луѓето била поразвиена креативната десна хемисфера од мозокот…

Не. Тука едноставно зборуваме за фактот дека големиот број на мегалитски наоѓалишта низ светот за кои се знае дека се стари барем 10.000 години ни даваат нужност во некои сегменти да ја реобмислиме археолошката слика за светот или барем да ја оставиме вратата подотворена за нови тези во оваа наука.

Тоа не мора да зависи од Греам Хенкок, кој секако не е научник по вокација. Проблемот истовремено е и што оскудноста со информациите околу мегалитските наоѓалишта остава премногу простор за шпекулација.

Зошто токму верзијата за „Атлантидата“ на Хенкок мора да е точна? Не мора. После сѐ, тоа е само непроверен модел. Фактот што старите Еѓипќани зборуваат дека богот Тот дошол од негде другаде за да им го донесе знаењето или дека ја користеле Питагорината теорема не докажува ништо.

Тоа е како модерните тези во квантната физика, како теоријата на струни на пример или безбројте тези и модели кои се појавуваат за квантната гравитација, а кои не можат да се докажат бидејќи нашите телескопи и инструменти не можат да одат толку далеку за егзактно, по научен метод, да покажат дека струни или слични егзотични феномени во нашиот универзум постојат.

Модерната наука стана поле каде во една дисциплина почнаа да се борат повеќе светогледи, па научниците можат да „изберат“ на која ќе се приклонат, иако во суштина, докази речиси нема.

Дали археологијата, па и антропологијата и историската наука се пред такво искушение? И како треба да ја третираме популарната теза на Хенкок?

Археолозите, односно научниците го имаат последниот и првиот збор. Шоуто на Хенкок сепак, е само шоу и нечие мислење, а науката не се базира на мислења, туку само на факти.

Затоа не постои „пост-вистина“ како што тоа обично сакаат да го кажат модерните интернетџии.

Бидејќи науката не е нешто во кое можете да верувате или не, туку нешто кое мора да се испита и постојатно да биде испитувано и тоа од лица стручни во својата област.

Поврзани содржини