📷 АСТРОНАУТИТЕ НА АРТЕМИС СЕ НА ПОЛОВИНА ПАТ ДО МЕСЕЧИНАТА Но, тие не се сами, со нив патуваат и нивните живи „мини-органи“

Она што му дава на овој експеримент посебно значење е долгорочната перспектива. Ако органските чипови можат да предвидат како реагираат индивидуалните тела на екстремни услови, тие би можеле да придонесат за развој на персонализирана медицина на Земјата, како и персонализирани стратегии за преживување во длабоката вселена.

997

Мисијата Артемис II е на околу половина пат до Месечината. Кога астронаутите ќе пристигнат, тие ќе спроведат лунарен прелет и ќе соберат научни набљудувања на површината на Месечината, објави НАСА.






Но, што уште треба да се знае за оваа мисија која треба да го промени животот во вселената?

Покрај нивните впечатливи вселенски одела и смутија од манго и праска, екипажот на мисијата „Артемис II“ носи нешто необично – живи „мини-органи“ одгледувани од сопствените клетки на коскената срцевина.

Заедно со четирите астронаути на „Артемис II“ се и мали живи реплики на нивната сопствена коскена срцевина, направени од клетките на екипажот и спакувани во органски чипови со големина на USB стик.

Овој необичен „товар“ патува заедно со астронаутите Рид Вајсман, Виктор Гловер, Кристина Коук и Џереми Хансен, чие 10-дневно патување ќе вклучува патување околу другата страна на Месечината и назад до Земјата – носејќи ги подалеку од нашата планета отколку кој било човек пред нив.

Според вселенското издание „Суперкластер“, астронаутите носат „целосно функционални“ чипови за органи: минијатурни структури слични на органи направени од коскена срцевина одгледувани од клетките на секој член на екипажот.

Во исклучително сложена вселенска мисија, причината за носење на овие чипови е всушност едноставна. Со напуштање на заштитата на Земјината атмосфера, четирите патници се изложени на големи количини на сончево и космичко зрачење. Таквата средина обезбедува уникатен увид во опасностите со кои ќе се соочат  астронаутите во длабоката вселена, па затоа истражувачите собираат што е можно повеќе примероци и податоци.

Мини-органите не се нови – научниците ги проучуваат од 2013 година – но ново е што тие се поврзуваат директно со нивните „човечки колеги“ за прв пат во вселенска мисија.

– Ова е прв пат да имаме екипаж заедно со нивните соодветни органски чипови – изјави Дејвид Чоу, главен истражувач на експериментот, за Supercluster.

Како што објасни, присуството на луѓе и нивните микрооргани на истото патување ќе им овозможи на научниците директно да ги споредат.

– Со користење на клетки од коскена срцевина – кои се особено чувствителни на зрачење – за да ги направат чиповите, истражувачите „ја максимизираат можноста за гледање биолошки разлики, наместо моделирање на кожа или друго ткиво – додаде Чоу.

За секој случај, НАСА испрати и дупликати од овие органски чипови до Меѓународната вселенска станица, за да ги спореди ефектите од зрачењето во длабоката вселена со оние во ниската орбита на Земјата во истиот период. Иако се мали – со големина на USB-стик – податоците што ги обезбедуваат би можеле да донесат голем напредок во разбирањето како човечкото тело реагира на условите во длабоката вселена, со минимални трошоци и без дополнителен ризик за луѓето.

-Можноста да се разбере како пошироката популација би реагирала на вселенските летови е нешто што може да се постигне многу поекономично со органски чипови.Можете да направите стотици примероци како овој и да ги испратите во вселената- изјави Чоу.

 

Експериментот се нарекува AVATAR (скратено од A Virtual Astronaut Tissue Analog Response – аналоген одговор на ткивото на виртуелниот астронаут). Овие чипови се дизајнирани како биолошки сурогати, дозволувајќи им на истражувачите да следат како зрачењето во длабоката вселена и бестежинската состојба влијаат врз човечкото ткиво за време на 10-дневното патување на мисијата Artemis II околу Месечината и назад.

Ова ќе биде прв пат астронаутите и нивните соодветни ткивни чипови да учествуваат заедно во истата мисија во длабоката вселена.

Коскената срцевина не е избрана случајно. Таа произведува црвени и бели крвни клетки, како и тромбоцити, па затоа е клучна за пренос на кислород, имунитет и згрутчување на крвта. Во исто време, таа е особено чувствителна на зрачење, што претставува една од најголемите опасности надвор од заштитната магнетна обвивка на Земјата. Научниците ќе ги споредат промените во чиповите со примероци и здравствени податоци собрани од самите астронаути, за да добијат попрецизна слика за тоа како вселенските летови влијаат врз човечкото тело.

Чиповите ќе работат автономно во капсулата Орион, додека соодветните примероци на Меѓународната вселенска станица и на Земјата ќе служат како референтни точки за споредување на различни средини на зрачење. Истражувачите се надеваат дека таквото паралелно тестирање ќе помогне во развојот на подобри заштитни мерки за идните мисии на Месечината и Марс.

Она што му дава на овој експеримент посебно значење е долгорочната перспектива. Ако органските чипови можат да предвидат како реагираат индивидуалните тела на екстремни услови, тие би можеле да придонесат за развој на персонализирана медицина на Земјата, како и персонализирани стратегии за преживување во длабоката вселена.

Поврзани содржини