ЈАПОНИЈА ИМА НАЈМОЌЕН ПАСОШ Македонија на 42. место, без визи нѐ примаат во 125 земји
Северна Македонија е на 42 место, нашите граѓани без визи може да патуваат во 125 земји.
Јапонија го поседува најмоќен пасош во светот, според индексот за пасоши на компанијата „Хенли“, која ја рангираше Македонија на 42. место.
Индексот се одредува според тоа во колку земји граѓаните на една земја можат слободно да патуваат, односно без виза.
Кога станува збор за Јапонија, која со години е на првата позиција, граѓаните на таа земја можат без визи да одат во дури 192 земји, што е подобрување во однос на 2018 година, кога Јапонците можеа да заминат во 189 земји.
Јапонија го дели првото место со Сингапур, кој беше на второто место во 2018 година.
Германскиот и јужнокорејскиот пасош се на второ место, додека третото место го делат Финска, Италија, Луксембург и Шпанија, чии граѓани можат без виза да одат во 189 земји.
На четвртото место се најдоа Австрија, Данска, Франција, Холандија и Шведска. Според овој индекс, нивните граѓани без виза можат да одат во 188 земји. Ирска и Португалија се на петто место, а потоа следат Белгија, Нов Зеланд, Норвешка, Швајцарија, Обединетото Кралство и САД.
Романија е на 16-то место (174), а Бугарија на 17-то (173).
Пасошот на Словенија е на 10-то место, а нејзините граѓани заедно со Естонците и Литванците можат да заминат без виза во 181 земја во светот. Хрватскиот пасош е на 17-та позиција (173 земји).
Пасошот на Србија е на 36-то место со можност за патување во 135 земји. Северна Македонија е на 42 место, нашите граѓани без визи може да патуваат во 125 земји.
Граѓаните на Црна Гора со пасош, кој е на 43. место, можат без виза да патуваат во 123 земји.
Пасошот на Босна и Херцеговина (БиХ) е на 47. место (117), Албанија на 49-то место (114).
Најлоши пасоши имаат граѓаните на Авганистан, Ирак, Сирија, Пакистан, Јемен и Сомалија, чии граѓани без визи можат да патуваат во околу 30 земји.