АНТИКАТА СЕ СРЕЌАВА СО МОДЕРНОТО ВО НОВОТО МЕТРО ВО СОЛУН Патниците ќе ги дочекува археолошка ризница
Метрото во Солун, чија изградба чинеше 3 милијарди евра, ќе биде отворено во сабота, на 30 ноември, а посетителите освен што ќе патуваат во возови без возачи, ќе можат да уживаат во изложените археолошки пронајдоци што беа пронајдени за време на изградбата.
Солун добива сосема нов систем на подземна железница, кој што ќе ги прикаже археолошките откритија направени за време на изградбата, кои го одложија проектот со децении.
Воведната линија долга 9,6 километри официјално ќе биде отворена во сабота, на 30 ноември и ќе користи возови без возачи.
Изградбата на метрото започна посериозно во 2003 година и откопа ризница на антиквитети, во огромното ископување под густо населениот град со милион жители.
– Овој проект нуди извонреден спој на античкото и модерното, интегрирајќи го археолошкото наследство со метро-инфраструктурата – им рече на новинарите Христос Стаикурас, министерот за транспорт и инфраструктура во петокот при медиумската обиколка на метрото.
Тунелирањето следеше древни трговски правци низ центарот на пристанишниот град, кој е континуирано населен уште од античко време. Копањето откри сообраќајница од римската ера, антички грчки гробни места, системи за вода и за одводнување, мозаици и натписи и десетици илјади артефакти кои опфаќаат векови, меѓу кои и византиското и отоманското владеење.
Тунелите требаше да бидат пробиени на поголема длабочина од првично планираното, за да се зачуваат античките откритија, а тоа додаде трошоци и доцнења.
Клучните делови од пронајдените артефакти се изложени долж подземната мрежа од 13 станици. Изложен е и дел од римска сообраќајница поплочена со мермер на централната станица Венизелу.
– Проектот се соочи со значителни одложувања и со многу предизвици, вклучително и над 300.000 археолошки наоди. Многу од нив сега се изложени на различни станици долж главната линија – рече Стаикурас.
Метрото во Солун првпат беше замислено пред повеќе од еден век, а неговото завршување беше дочекано со тивко чудење од жителите, кои со години го користеа проектот на метрото за критика на бирократските доцнења и неисполнетите ветувања.
Владини претставници рекоа дека цената на метрото досега достигна 3 милијарди евра за завршената прва линија од системот на подземната железница и за поголемиот дел од втората линија, која моментално е во изградба и треба да биде готова за една година.
Градежниот конзорциум го сочинуваа грчката компанија Актор, италијанската Уибилд и јапонската Хитачи рејл.