АКО НЕ СТЕ СЛУШНАЛЕ, ВЛЕЗОТ ВО РАЈОТ Е ОГРАНИЧЕН А „рајот“ е еден мал остров во Пацификот

Повеќе од 40 години, островот Лорд Хау прима само 400 туристи истовремено - толку колку што има жители. Локалните жители се плашат од „пеколот“ на масовниот туризам.

1,768

Сте слушнале ли за Рајскиот остров?

И ние не.






Многу места на планетава го носат епитетот „рајски“, но за австралискиот остров Лорд Хау во Пацификот велат дека за тоа има добра причина – ем е навистина рајски, ем бројот на туристите е ограничен.

Островот Лорд Хау изгледа како идеална дестинација за прекумерен туризам, со бујни планински врвови, недопрени плажи со бел песок и со бистри сини води преполни со шарени риби. Сепак, на овој остров со околу 400 жители, кој се наоѓа на 598 километри од источниот брег на континентална Австралија, плажите се празни, пишува Си-Ен-Ен Травел.

Приоритет на овој остров е заштитата на многу уникатни ендемски видови, поради кој е светско наследство на УНЕСКО од 1982 година. Единствените звуци за време на прошетката низ дождовните шуми и низ планините доаѓаат од дивите животни.

Повеќе од 85% од островот долг 11 километри сè уште е покриен со оригинална шума, а околу 70% се води како Постојан парк на природата, што значи дека таму секаква градба е забранета. Станбената површина зафаќа најмногу 15% од површината на остовот.

„Голем дел од привлечноста лежи во близината со природата. До плажите се стасува по кратка прошетка од гостинските куќи, или по краткотрајно возење со велосипед “, вели Ентони Ридл, жител на островот од шестата генерација, коосновач на компанија за пиво и дестилерија.

Околу 500 видови риби, како и морски ѕвезди, морски ежови и ракови, го населуваат најјужниот корален гребен во светот, веднаш до островот. Едно од најдобрите места за нуркање е пирамидата на Бол, највисокиот морски столб во светот, сместен на 22 километри југоисточно од главниот остров и опкружен со пештери и води богати со ретки морски суштества.

„Она што го нема овде е навистина она што го обезбедува тоа уникатно искуство“, вели Лиза Макиити, жителка на островот, која раководи со „бутик за сместување“.

Највредното, според неа, е тоа што постои место во светот што функционира спротивно од која било друга туристичка дестинација.

Тајната на овој остров е прилично едноставна. Повеќе од 40 години, островот Лорд Хау прима само 400 туристи истовремено – толку колку што има жители.

Макиити вели дека нејзиниот „бутик за сместување“ веќе е пребукиран до 2026 година. А воопшто не е евтино. Авионот до Сиднеј може да чини над 666 американски долари, а во шпицот на летната сезона, сместувањето за двајца може да се движи од 200 до над 3.000 американски долари за ноќ.

Кои се жителите на „рајскиот остров“? Многу од нив потекнуваат од првобитните доселеници кои пристигнале тука во 1800-тите.

„Овие семејства кои се тука пет, шест, седум генерации и секогаш препознавале колку е посебен нивниот начин на живот овде“, вели Иан Хатон, природонаучник и фотограф кој живее на островот од 1980 година. „Постои силно генерациско чувство на заштита на својот остров“, додава тој.

 

Поврзани содржини