„АКО ДАДЕ ГОСПОД, ПАЛЕСТИНЦИТЕ ЌЕ ПОБЕДАТ“ Ајатолахот Хамнеи не се сомнева во „моќта на исламот“

Иран не учествува во нападите на Хамас врз Израел и вети дека ќе продолжи да ги поддржува палестинските територии, тврди ајатолахот, но неговиот министер за надворешни работи предупреди дека во судирите ќе се вклучи и Хезболах.

756

Иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, денеска изјави дека минатонеделниот напад врз Израел од страна на палестинското движење Хамас ќе доведе до победа за Палестинците, јави новинската агенција ИРНА.

„Дел од актуелните настани укажуваат на неверојатната моќ на исламот во Палестина и, ако даде Господ, движењето што започна во Палестина ќе продолжи напред и ќе доведе до целосна победа на Палестинците“, рече тој.






По средбата со лидерот на шиитската заедница во Нигерија, шеикот Ибрахим Закзаки, Хамнеи ја нарече војната во Газа „еден од симболите на моќта на исламот“.

Хамнеи го повика исламскиот свет да им помогне на Палестинците.

Тој повтори дека Иран не учествува во нападите на Хамас врз Израел и вети дека ќе продолжи да ги поддржува палестинските територии.

Во меѓувреме, иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан го повика Израел да ги прекине нападите врз Газа, предупредувајќи дека војната може да се прошири и на другите делови на Блискиот Исток доколку Хезболах се приклучи во битката.

Амирабдолахиан им рече на новинарите во Бејрут дека либанската група Хезболах ги разгледала сите воени сценарија и дека Израел треба што поскоро да ги прекине нападите врз Газа. Во спротивно ќе претрпи „голем земјотрес“.

Шефот на иранската дипломатија се сретна со лидерот на Хезболах Хасан Насрала, кој го информираше за плановите и условите што ги имаат.

„Знам за сценаријата поставени од Хезболах. Секој чекор што ќе го преземе отпорот (Хезболах) ќе предизвика огромен пресврт во ционистичкиот ентитет“, рече тој.

Амирабдолахиан додаде: „Сакам да ги предупредам воените злосторници и оние кои го поддржуваат овој ентитет пред да биде предоцна да ги запрат злосторствата врз цивилите во Газа, бидејќи може да биде предоцна за неколку часа“.

Израелците веќе неколку дена го гаѓаат Појасот Газа откако палестинската милитантна организација Хамас ја нападна израелската територија. Загинаа неколку високи функционери на Хамас и многубројни цивили.

Поврзани содржини