АФРИКА ГО ГРАДИ ОСМОТО СВЕТСКО ЧУДО: ГОЛЕМИОТ ЗЕЛЕН ЅИД Африканците пошумуваат појас долг 7.700 километри

Иронично, континентот кој релативно малку придонесува за климатските промени се најде меѓу првите на нивниот удар …

1,220

Сахара, најголемата пустина во светот, од ден на ден станува сè поголема. Поради влошувањето на квалитетот на почвата и ширењето на пустината (т.н. опустинувањето), Сахара се шири за 48 километри секоја година. Научниците проценуваат дека се проширила за 10 отсто од својата површина во последните 100 години. Што значи ова за природата и луѓето?

Топлите лета стануваат уште понеподносливи, годишните времиња на дождови сè послаби, езерата пресушуваат, помалку дрвја и зеленило кои ќе создаваат кислород, катастрофални последици за земјоделството, т.е. населението кое живее исклучиво од него. Дури 60 милиони Африканци би можеле да станат „климатски бегалци“, а други би можеле буквално да умрат од глад.






Иронично, континентот кој релативно малку придонесува за климатските промени беше меѓу првите на удар.

Еден од начините за борба против опустинувањето е пошумување и засадување на заштитни појаси од дрвја. Дрвјата се спротивставуваат и ги ублажуваат пустинските услови и ја задржуваат влагата, а би можеле да овозможат обновување на дури 50 милиони хектари земја.

Затоа африканските земји започнаа амбициозен проект наречен: Големиот зелен ѕид.

Пошумениот појас треба да биде широк 15 километри и долг дури 7.700 километри. Кога ќе биде завршен, ќе поминува низ дури 20 земји, од западниот брег на Африка (Сенегал) до исток (Еритреја). Тоа ќе биде најголемата жива структура на планетата.

Зелениот ѕид може да спаси дури 100 милиони хектари земја и да создаде работни места за 10 милиони луѓе.

„Не се работи само за садење дрвја“, вели Таби Џода, амбасадор на зелениот ѕид од Камерун. „Се работи за холистички пристап, враќање на заедницата. Големиот зелен ѕид ќе обезбеди храна, ќе го подобри здравјето, ќе создаде нови деловни можности и ќе биде извор на финансирање за локалните заедници. Тоа е најголемата африканска можност“.

Каква е состојбата денес? Зависи каде гледаме. Најдобри резултати досега имаат Сенегал и Етиопија. Другите земји бавно напредуваа поради економските проблеми, немањето пари, т.е. недовербата на донаторите, пандемијата на коронавирусот, но и локални судири меѓу вооружените групи.

Дека проектот не е лесен за реализација, потврдува и примерот од Кина, која со години се бори со ширењето на пустината Гоби користејќи слични методи.

Севкупно, напредокот е бавен – процесот на градење на ѕидот стасал допрва до 10 проценти. Но, на почетокот на 2021 година, донаторите на состанокот во Париз ветија 19 милијарди долари за програмата, што даде надеж дека – и покрај тешкотиите на патот – овој проект ќе биде завршен до 2030 година.

Некои дури зборуваат за тоа дека би можел да стане осмо светско чудо.

Поврзани содржини