АДМИНИСТРАЦИЈАТА НА ТРАМП ГИ ОТВОРИ ДОСИЕЈАТА ЗА УБИСТВОТО НА МАРТИН ЛУТЕР КИНГ Чин на транспарентност или одвлекување на вниманието од случајот со Епштајн?
Иако документите требаше да останат затворени до 2027 година, Министерството за правда побара да се објават порано, што предизвика поделени реакции. Семејството на Мартин Лутер Кинг и граѓански организации се спротивставија, потсетувајќи дека ФБИ со години незаконски го шпионирал Кинг, со цел да го дискредитира. Во својата изјава, неговите деца нагласија дека Кинг бил жртва на организирана и на агресивна кампања на надзор и на дезинформации, наменета да ги уништи и него и движењето за граѓански права.
Администрацијата на Доналд Трамп ги објави досиејата од надзорот на ФБИ врз Мартин Лутер Кинг, објави Си-Ен-Ен.
Станува збор за над 240.000 страници, кои беа ставени под судски печат уште во 1977 година, откако ФБИ ги предаде досиејата на Националниот архив.
Во долга изјава објавена во понеделникот, двете живи деца на Кинг – 67-годишниот Мартин Трети и 62-годишниот Бернис – нагласија дека убиството на нивниот татко е „децении наназад предмет на фасцинираност кај јавноста“, но истакнаа дека за нив тоа останува длабоко лично прашање и повикаа досиејата „да се разгледуваат во нивниот целосен историски контекст“.
Семејството на Мартин Лутер Кинг бара емпатија
Семејството Кинг добило претходен пристап до документите и ангажирало свои тимови за анализа, кои продолжиле да работат и откако документите станале достапни за јавноста. Меѓу нив се вклучени и траги што ФБИ ги следел по атентатот, како и информации за тоа како ЦИА била опседната со насочувањето на Кинг кон антивоени и антипартиски движења на меѓународно ниво во годините пред убиството. Не е веднаш јасно дали објавените материјали откриваат нови детали за животот на Кинг, движењето за граѓански права или за самото убиство.
„За нас, како деца на д-р Кинг и Корета Скот Кинг, за неговата сопруга, како и за неговата внука која никогаш не ја запозна, неговата трагична смрт претставува длабока лична загуба и ненадоместлив шок – отсуство што нашето семејство го носи повеќе од 57 години. Ги повикуваме сите, кои ќе се занимаваат со овие досиеја, да го сторат тоа со емпатија, воздржаност и со почит кон нашата болка што сè уште трае“, пишуваат тие.
Во својата изјава, тие ја повторија долгогодишната позиција на семејството дека Џејмс Ерл Реј, човекот осуден за убиството, не бил единствениот одговорен – а можеби и воопшто не бил.
Бернис Кинг имала 5 години кога нејзиниот татко бил убиен на 39-годишна возраст. Мартин Трети имал 10 години.
Канцеларијата на директорката на Националната разузнавачка служба, Талси Габард, соопшти дека оваа објава е „без преседан“ и дека многу од документите се дигитализирани за првпат. Таа го пофали претседателот Трамп што ја туркал оваа иницијатива.
Транспарентност за некои, одвлекување на внимание за други
Трамп уште како кандидат вети дека ќе ги објави досиејата поврзани со атентатот врз претседателот Џон Ф. Кенеди од 1963 година. Откако ја презеде функцијата, тој потпиша извршна наредба за декласификација на тие документи, заедно со оние поврзани со убиствата на Роберт Ф. Кенеди и со Мартин Лутер Кинг во 1968 година.
Досието за ЏФК беше објавено во март, а дел од досието за РФК во април.
Во соопштението од канцеларијата на Габард беше вклучена и изјава од Алведа Кинг, внука на Мартин Лутер Кинг и позната конзервативна активистка, која честопати има поинакви ставови од неговите деца – вклучително и за ова прашање. Таа изјави дека е „благодарна на претседателот Трамп за неговата транспарентност“.
Јавноста виде и објава на социјалните мрежи од тогашната јавна обвинителка Пам Бонди, која сподели фотографија со Алведа Кинг.
Освен што ја исполнил својата извршна наредба, објавата дојде во момент кога администрацијата на Трамп се соочува со притисоци во врска со тоа што не се објавува целосната документација од истрагата за Џефри Епштајн – обвинет за трговија со луѓе и за сексуално злоставување. Епштајн изврши самоубиство во затвор додека чекаше судење во 2019 година, во време на првата администрација на Трамп. Минатиот петок Трамп нареди Министерството за правда да објави сведочења од големата порота, но не ја отвори целата истрага.
Бернис Кинг и Мартин Трети не го споменаа Трамп во својата изјава, но подоцна Бернис објави фотографија од нејзиниот татко на Инстаграм со сериозен израз на лицето и со коментар: „А сега, објавете ги досиејата за Епштајн“.
Некои активисти за граѓански права не беа воздржани.
– Објавувањето на досиејата за убиството на Кинг од страна на Трамп не е чин на транспарентност или на правда. Тоа е очаен обид да се одвлече вниманието од вжештената ситуација околу Епштајн и околу падот на кредибилитетот кај неговата база – изјави свештеникот Ал Шарптон.
Центарот за Кинг, основан од неговата сопруга и сега воден од Бернис Кинг, излезе со одвоено соопштение во кое ја нарече објавата „одвлекување на вниманието“ – не само од политичката контроверзија, туку и од поважните општествени теми.
„Оваа објава е несреќна и лошо темпирана, во време кога САД и светот се соочуваат со бројни неправди и предизвици. Вистинската реакција на повторниот интерес за атентатот врз човекот што се бореше за мир е уште погласна борба за праведност“ се наведува во соопштението.
Нов материјал за истражувачите
Инаку, документите првично требало да останат под печат до 2027 година, но Министерството за правда побара од судот да го укине тој рок. Историчари, новинари и активисти се подготвуваа да ги проучуваат овие записи и да бараат нови информации за убиството на 4 април 1968 година во Мемфис, Тенеси.
Јужното христијанско лидерско собрание, кое Кинг го коосновал во 1957 година, беше против објавата. Собранието, заедно со семејството, тврдеше дека ФБИ незаконски ги шпионирал Кинг и другите водачи на движењето за граѓански права, прислушкувал телефони, канцеларии и хотели – со цел да ги дискредитира.
Веќе одамна е потврдено дека тогашниот директор на ФБИ, Џ. Едгар Хувер, бил опседнат со Кинг и го сметал за закана. Претходно објавени документи покажаа како ФБИ ја водел неговата континуирана дискредитација преку прислушкување, следење и преку лажни информации.
„Тој беше постојано мета на инвазивна, предаторска и длабоко вознемирувачка кампања за дезинформација и за надзор, организирана од Џ. Едгар Хувер преку ФБИ. Целта на програмата на Владата КОИНТЕЛПРО не беше само набљудување, туку и целосно уништување на угледот на д-р Кинг и на граѓанското движење што тој го предводеше. Тоа не беа само инвазии во приватноста, туку директни напади врз вистината, слободата и врз достоинството на луѓе што се бореа за правда – со цел да се неутрализира секој што ќе се осмели да ја предизвика владејачката состојба“, стои во изјавата на децата на Кинг.
Семејството на Кинг сè уште не ја прифаќа официјалната верзија за убиството
Кинг бил убиен додека им давал поддршка на штрајкувачите работници за комунални услуги во Мемфис, како дел од неговото насочување кон борба за економска правда.
Џејмс Ерл Реј признал вина за убиството, но подоцна ја повлекол изјавата и до крајот на животот тврдел дека е невин.
Семејството Кинг и други подолго време се сомневаат дека Реј делувал сам или дека воопшто бил вклучен. Во 1998 година, по барање на неговата вдовица, тогашната јавна обвинителка Џенет Рено го отвори случајот повторно. Но, Министерството за правда тогаш соопшти дека „нема докази што ја доведуваат во прашање пресудата од 1969 година дека Џејмс Ерл Реј го убил д-р Кинг“.
Бернис и Мартин Трети повторно изјавија дека веруваат дека Реј бил наместен. Тие се повикаа на граѓанска постапка од 1999 година, во која поротата во Мемфис заклучи дека Мартин Лутер Кинг бил жртва на заговор.
„Додека ги разгледуваме новообјавените досиеја,“ напишаа тие, „ќе процениме дали содржат дополнителни сознанија што надминуваат сè што досега сме го дознале како семејство“.