ЈА СОЗДАДЕ „ОАЗАТА НА МИРОТ“, ПРЕЖИВЕА АТЕНТАТ И ЉУБОВНА АФЕРА На денешен ден бил роден првиот претседател на независна Македонија

Како член на АНОК, заедно со Благој Хаџипанзов напишал писмо во кое се залагале за обединување на Македонија и се противеле на југословенските политики и манифестот на НОВ. Претходно, како студент учествувал во македонското друштво „Вардар“ за што кратко бил затворен. Во 1991 година Стојан Андов го убедувал да го исфрли вториот дел од референдумското прашање, но Глигоров се плашел од можна интервенција на ЈНА. Во 1995 година, ден пред атентатот, Глигоров и Милошевиќ имале средба зад која стојат многу неодговорени прашања.

2,579

Ги споил АСНОМ 1944 година и новиот Илинден во 1991 година со референдумско прашање за кое некои му замеруваа – но, никој не се сомнева во големината и значењето на Киро Глигоров, првиот претседател на независна Македонија. Штипјанецот кој успеа без војна да ја отцепи „оазата на мирот“ од Југославија, преживеа атентат и љубовна афера. Во едно писмо до главниот штаб на НОВ се залагал за обединување на Македонија и се противел на југословенските политики.

Двапати затворан, еднаш како иредентист, другпат како „Србин“






Малку е познато дека Глигоров бил член и секретар на македонското друштво „Вардар“ во времето на кралството СХС и како таков во 1939 година бил затворен во Белград, па набргу пуштен. Се вели дека во затворот составувал песни. Истата година во Белград го завршил правниот факултет.

Татко му бил занаетчија, мајка му домаќинка. Бил роден на 3 мај 1917 година. Како дете во училиште во родниот Штип бил запишан како Кирило Глигоровиќ поради тоа што имињата и презимињата на Македонците биле менувани.

На почетокот на Втората светска војна, во 1941 година Киро Глигоров избегал од бомбардирањето на Белград, се вратил во Скопје и се вработил во „Вардар Банка“, а подоцна отворил и своја адвокатска канцеларија. На оваа позиција се задржал многу малку бидејќи бил наклеветен од страна на некој соработник дека бил опасен „Србин“. Така, по втор пат тој бил приведен од страна на комунистите.

Документ со кој Глигоров се посочува како деец на групата (т.н сепаратисти и автономисти) која се залагала за ослободување и обединување на Македонија

Пишувал писмо во кое се борел за обединување на Македонија

Откако го пуштиле од притвор им се приклучил на партизаните. Во 1943 година се жени со Нада, со која веќе има две ќерки и еден син. Глигоров преку Кузман Јосифовски-Питу влегува во една организација наречена АНОК – Антифашистички народноослободителен комитет. На состаноците АНОК, тематски најмногу се разгледувало прашањето околу создавање на македонска држава во составот на Југославија.

Дури АНОК се противела на Манифестот на Главниот штаб на НОВ. АНОК изразил не се согласувал со југословенската концепција, а за залагал за обединување на другите делови од Македонија. Писмото со кое АНОК му приговра на штабот на НОВ (и на ПОМ) го пишувал Глигоров заедно со Благој Хаџипанзов. Подоцна, имало негативна рекација од штабот.

Од записничар до економист на Југославија

Учествувал во подготовката на АСНОМ, а за време на заседанието во 1944 година бил записничар. На второт заседание бил избран за член на президиумот, а потоа и за повереник за финансии. Бил и претставник на Македонија на заседанието на АВНОЈ на островот Вис.

Во времето на Југославија Глигоров ја прави познатата аграрна реформа како дел од тимот на претседателот на СИС Анте Марковиќ.. Тој извршува повеќе високи функции како помошник-министер за финансии, помошник-претсеател на Стопанскиот совет на ФНРЈ, сојузен секретар за финансии…

Андов го убедувал да го избрише вториот дел од прашањето

Во доцните осумдесетти се враќа во Македонија која се спрема за отцепување. Бројни се критиките и полемиките околу тоа зошто во референдумското прашање беше додаден делот „со право на влез во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“.

Според тврдењето на тогашниот претседател на Собранието, Стојан Андов, во август 1991 година тој имал долг и тежок разговор со Глигоров, убедувајќи го да го избрише вториот дел. Но, Глигоров се плашел од можна воена интервенција на ЈНА, па останал на својата формулација.

Да бидеме свои на своето

Учествува на првите претседателски избори, но не ги добива потребните две третини од гласовите. По три дена ВМРО-ДПМНЕ излегло со соопштение дека ќе го поддржи Глигоров доколку за потпретседател и премиер на државата биде избрана личност од нивната партија.

– Да бидеме свои на своето. Да бидеме широко отворени кон светот, како целосно независен, рамноправен и творечки субјект – ќе рече тогаш Глигоров.

Тоа е време на првиот плурализам, кога во Македонија беше формирана првата влада, која беше експертска. Владата на Никола Кљусев донесе важни одлуки за државата.

На вторите претседателски избори во 1994 година Глигоров победи со тесна разлика со 52,4 отсто од гласовите пред Љубиша Георгиевски, познатиот македонски режисер. ВМРО-ДПМНЕ не ги признала резултатите.

Колку тенкови на ЈНА вреди еден човечки живот?

Некои сметаат дека Глигоров е најзаслужен за тоа што во Македонија не беше испукан ниту еден куршум иако во 1991 година веќе почнале немирите на Плитвичките Езера во Хрватска и во Вуковар, а исто така и на Косово.

Глигоров во март таа година ќе учествува на познатиот самит на претседатели на републиките. Тој ќе предложи платформа за зачувување на пријателството заедно со Изетбеговиќ:

– Колку тенкови или камиони на ЈНА вреди еден човечки живот? Нема да дозволам заради куп железо да ни гинат луѓе – ќе рече Глигоров во таа прилика.

Во првите години од независна Македонија стигнале проблемите со Грција околу името. Бил одбиен предлогот „Централна Балканска република“. Во 1993 година била прифатена референцата Привремена Југословенска Република Македонија и државата влегла во Обединетите Нации. Глигоров во ОН побарал решение за ембаргото од страна на Грција, а во септември била потпишана спогодба за нормализација.

погребот на Глигоров

Контроверзиите околу атентатот

До денешниот ден не е разјаснето дали атентатот врз Глигоров од октомври 1995 година го извршиле домашните служби, бугарската организација „Мултигруп“, југословенската „Кос“ или други. Разузнавачката служба во тоа време ја посочила „Ослободителната војска на Македонија“ со седиште во Австралија како еден од можните атентатори.

Никој не може да потврди за што зборувале Милошевиќ и Глигоров во Белград ден пред атентатот. Според една теза договорено е меѓусебно признавање, според друга, Милошевиќ бил бесен поради потпишувањето на Партнерството за мир со НАТО и Спогодбата за соработка и трговија со ЕУ, како и Времената спогодба со Грција. Но, тоа е само една теорија.

Од експлозијата на бомба под паркиран „цитроен АМИ-8“ кај хотелот Бристол на улицата Македонија, каде минувал службениот мерцедес на претседателот, Глигоров се здоби со тешки повреди во лгавата, а загинаа неговиот возач и еден пензионер, случаен минувач на улицата Македонија. Беше повреден и неговиот телохранител Илчо Теовски.

Години подоцна беа објавени фотографии од тоа како денес изледа „мерцедесот“.

Љубовниот триаголник на Глигоров

Но ништо не ја размрда македонската јавност како аферата со првиот претседател Киро Глигоров и неговата советничка за култура, објавена во неделникот „Денес“ во мај 1998 година. Милан Банов, тогашниот уредник на весникот, своевремено изјавуваше дека со тоа се разби митскиот статус за политичарите, се покажа дека може и смее да се објавуваат детали од нивниот живот.

Но, сето тоа не поминало толку лесно. Банов се присетува дека тој и неговите новинари биле под страшен притисок, особено од другите медиуми, кои барале да се затвори весникот, дури и да се судат авторите, затоа што го нарушиле угледот на претседателот. Аферата не му го наруши рејтингот на Глигоров. Банов вели дека издржале на притисоците, извор на информацијата според него била сопругата на Глигоров, Нада Глигорова која според Банов инсистирала на објавување на веста.

Глигоров почина на 1 јануари 2012 година спиејќи во својот дом во Скопје. Неговите мемоари останаа траен документ за македонската историја.

КОС, МУЛТИГРУП, БРАТИСЛАВСКА ИЛИ ДОМАШНА ВРСКА? И по 27 години не се откри вистината за атентатот врз Глигоров

 

Поврзани содржини