А, АКО СОПРЕ РУСКИОТ ГАС? Три милиони Германци ќе бидат отпуштени, а цели индустрии ќе одат под клуч
Не само што би биле намалени работните часови и би биле изгубени работни места, туку тоа би значело и брз колапс на синџирите на индустриското производство во Европа, со светски последици, вели претседателот на германскиот синдикат на хемиски работници. Се претпоставува дека главните германски индустрии би биле под клуч најмалку неколку недели.
Германија би можела да отпушти и до 3,4 милиони вработени во градежништвото, а главните гранки како индустријата за челик, хемикалии и за хартија би биле под клуч најмалку неколку недели. Вака изгледа страшната проекција за тоа што би се случило ако земјата која е мотор на Европската Унија остане без руските гас, нафта и јаглен, предвидуваат германските синдикати ИГ Метал, ИГБЦЕ и ИГ Бау, пишува РТ.
– Експлозијата на цените на енергенсите, но пред сè можното ембарго за гас, тешко би ја погодило енергетската интензивна индустрија, која е мајка на индустриската мрежа – истакна Михаел Василијадис, претседател на германскиот синдикат на хемиски работници.
– Не само што би биле намалени работните часови и би биле изгубени работни места, туку тоа би значело и брз колапс на синџирите на индустриското производство во Европа – со светски последици – додава тој.
Без германска индустрија, нема европска индустрија
Огромните отпуштања во градежништвото, над 3,4 милиони луѓе, се должат на тоа што тоа целосно се потпира на варот и на цементот за чие производство е потребна енергија и енергенси, објаснува Роберт Фајгер од градежниот синдикат.
Неговиот колега од синдикатот на металските работници ИГ Метал, Јерг Хофман, исто така зборуваше за опасноста од нарушување на синџирите на индустриското производство поради тоа што тие се „од фундаментално значење за Европа како место за бизнис“.
Тој ја повика германската влада да обезбеди поддршка за компаниите и да ги заштити вработените во случај на намалување на производството предизвикано од „прекумерни трошоци за енергија“.

Скапиот и недоволен течен гас од САД и од Катар
Германија, која е најголемата економија во ЕУ, добива повеќе од половина од своите фосилни горива од Русија. Министерот за економија на земјата Роберт Хабек изјави претходно дека Берлин ќе може да ја намали зависноста од руската нафта и јаглен до крајот на 2022 година, но откажувањето од гас нема да биде толку лесно.
Според Хабек, ќе бидат изградени најмалку два терминали за течниот гас ЛНГ за да се намали зависноста на Германија од него. Берлин планира да се сврти кон Катар и САД за да компензира за рускиот гас и покрај тоа што ова е поскапата опција.
Денот Д за плаќање во рубљи
Денес е денот Д кога европските земји треба да почнат да плаќаат за рускиот гас во рубљи, или да се договорат со Москва. Ова мнение доаѓа по наредбата на рускиот претседател Владимир Путин исплатите на гас од „непријателските“ земји, меѓу кои е и ЕУ, да се вршат само во руски рубљи од 31 март.
Но, Ројтерс и Дојче Веле утринава објавија дека на телефон вчера Путин, сепак го уверил канцеларот Олаф Шолц дека плаќањето во рубљи нема да важи за Германија. Ќе има ли вин-вин ситуација за Истокот и Западот?
Се чини дека освен вистинската војна во Украина, меѓу големите сили во тек е и глобална економска војна. Додека Шолц и Путин преговараат, американскиот претседател Џо Бајден денес ќе ја претстави новата нафтена политика на САД во која Американците ќе „ослободат“ 180 милиони барели нафта на светскиот пазар во обид да ја намалат цената на енергенсот која нагло расте.