ДВЕ ЦРНИ ДУПКИ ГРАНДИОЗНО СЕ СУДРИЛЕ, СПАЗМАТИЧНО СЕ ТРЕСЕЛ ВРЕМЕ-ПРОСТОРОТ Што се случило потоа и дали нашата галаксија е во опасност?

Кога време-просторот почнал да вибрира, детекторите во Вашингтон и во Луизијана реагирале со истовремено истегнување и со собирање, во интервал од само една десетинка од секунда – краткотраен, но пресуден момент што го забележал т.н. „одзвучување“...

1,587

Научниците детектирале бранови во време-просторот предизвикани од насилна судирање на 2 масивни црни дупки кои спирално се приближувале една кон друга, далеку надвор од работ на Млечниот Пат, објави британски Гардијан.

Црните дупки, секоја со повеќе од 100 пати поголема маса од Сонцето, почнале да кружат една околу друга одамна и конечно се судриле, формирајќи уште помасивна црна дупка, на оддалеченост од околу 10 милијарди светлосни години од Земјата.






Овој настан претставува најмасивното спојување на црни дупки досега регистрирано со детектори за гравитациски бранови и ги натера физичарите повторно да ги преиспитаат своите модели за тоа како настануваат вакви огромни објекти. Сигналот бил забележан кога стигнал до Земјата и ги активирал детекторите, чувствителни на тресења во време-просторот кои се илјадници пати помали од ширината на еден протон.

– Ова се најнасилните настани што можеме да ги набљудуваме во универзумот, но кога сигналите ќе стигнат до Земјата, тие се најслабите феномени што можеме да ги измериме. До моментот кога овие бранови ќе стигнат до Земјата, тие се микроскопски – изјави раководителот на Институтот за гравитациски истражувања при Универзитетот во Кардиф, професорот Марк Ханам.

Доказите за судирот на црните дупки пристигнале кога двата американски детектори во Вашингтон и во Луизијана, управувани од Ласерскиот интерферометар за гравитациски бранови (ЛИГО), реагирале истовремено.

Одеднаш настапило спазматично тресење на време-просторот, при што детекторите се истегнале и се собрале во траење од една десетинка од секунда – краток миг кој го регистрирал таканареченото „одзвучување“ (ringdown) на новоформираната црна дупка, додека вибрирала и се стабилизирала.

Анализата на сигналот покажала дека црните дупки имале маса од 103 и 137 пати поголема од онаа на Сонцето, и се вртеле околу 400.000 пати побрзо од Земјата – речиси до теорискиот лимит за вакви објекти.

Досега не биле измерени помасивни црни дупки

– Ова се највисоките маси на црни дупки што досега сме ги измериле со гравитациски бранови. А тие се чудни, бидејќи се токму во опсегот на маси каде, поради сèкакви необични физички процеси, не очекуваме да се формираат црни дупки – рече членот на научната соработка на ЛИГО, Ханам.

Најчесто, црни дупки се создаваат кога масивни ѕвезди ќе ја потрошат нуклеарната енергија и ќе се урнат во себе на крајот од својот животен циклус. Овие екстремно густи објекти толку многу го искривуваат време-просторот што создаваат хоризонт на настани – граница од која дури ни светлината не може да избега.

Физичарите од ЛИГО претпоставуваат дека овие црни дупки биле производ на претходни спојувања, што би објаснило зошто се толку масивни и зошто ротираат толку бргу бидејќи соединувањето на црни дупки честопати резултира со создавање објекти со значителен вртежен момент. „И претходно сме виделе индиции за вакво нешто, но ова е најекстремниот пример каде што најверојатно тоа и се случило“, рече Ханам.

Научниците досега детектирале околу 300 спојувања на црни дупки преку гравитациските бранови што ги создаваат. До сега, најмасивното познато спојување произвело црна дупка од околу 140 сончеви маси. Овој најнов настан создал црна дупка со маса до 265 пати поголема од онаа на Сонцето. Деталите ќе бидат презентирани во понеделник на конференцијата ГР-Амалди во Глазгов.

Пред изградбата на првите детектори за гравитациски бранови во 1990-те, научниците можеле да го набљудуваат универзумот само преку електромагнетно зрачење – како што се видливата светлина, инфрацрвените бранови и радиобрановите. Но, гравитациските опсерватории нудат сосема нова перспектива, овозможувајќи им на истражувачите да забележат настани кои досега биле скриени од нив.

– Обично, кога ќе го погледнете универзумот на нов начин, ќе откриете нешта што не сте ги очекувале и вашата цела слика за светот се трансформира. Детекторите, што ги планираме за следните 10 до 15 години, ќе можат да ги регистрираат сите судири на црни дупки во универзумот и можеби и некои изненадувања што не сме ги предвиделе – рече Ханам.

Поврзани содржини