ИДНИНАТА ЌЕ БИДЕ ВО КВАНТНИТЕ ЧИПОВИ Научниците открија како да имаме 1.000 пати побрза електроника
Силиконските чипови се при крај на своите можности и полека заминуваат во историјата. Ново откритие во квантната физика овозможува манипулација на т.н. квантни материјали со ласер што ја отвора вратата за 1.000 пати побрза електроника.
Ново откритие во светот на квантната физика овозможува потенцијално нашите телефони и лаптопи да бидат до 1.000 пати побрзи од она што се сега, пишува ScienceAlert, цитирајќи студија објавена во Nature Physics.
Накратко, научниците за првпат со помош на светлина успеале да го претвораат од изолатор во спроводник и обратно квантниот материјал 1T‑TaS₂.
– Она кон што се стремиме е највисоко ниво на контрола врз својствата на материјалот – изјави физичарот Грегори Фиете од Универзитетот Нортистен.
Квантните материјали покажуваат чудни својства што стандардната физика не ги објаснува.
Светлината менува сè
Техниката која ја употребиле научниците се вика термичко гаснење. Тоа значи експлозивно загревање и брзо ладење на материјалот, со што електронските состојби се контролираат до невидена прецизност. За првпат, истражувачите успеале да го задржат материјалот во метална состојба не само на -73 °C и за неколку секунди, туку на попрактична температура од -40 °C и тоа со месеци.
Збогум за силиконските чипови
Ова откритие отвора можност за чипови што користат само еден материјал, кој може со светлина да се контролира и префрла помеѓу двете клучни состојби, изолација и спроводливост.
– Нема ништо побрзо од светлината, и ние ја користиме светлината за да ги контролираме својствата на материјалот со најбрзата можна брзина што ја дозволува физиката – рече Фиете.
Досегашните силициумски чипови, полупроводници, се при крај со своите можности. Метаматеријалите, пак, се скапи.
Квантните материјали сега влегуваат во играта, менувајќи го темпото од гигахерци кон терaхерци, нешто досега незамисливо.
Нова парадигма, нови смартфони
Иако оваа технологија е далеку од комерцијална примена, таа претставува историски чекор кон побрзи, помали и поефикасни уреди.
– Во точка сме каде што за да добиеме неверојатни подобрувања во складирањето на информации или брзината на работа, ни треба нова парадигма – истакна Фиете.
Но, патот од лабораторија до џебот на корисникот е долг и полн со инженерски предизвици. Дали наскоро ќе имаме смартфони што ќе работат со брзина на мислата? Останува да видиме.