ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ГО НАУЧИ РОБОТОТ ДА ОПЕРИРА САМ Машина-хирург отстрани жолчен меур со 100% успех
Технологијата што му овозможува на роботот да ракува со чувствителни меки ткива, како жолчното ќесе, се заснова на напредни ВИ-системи слични на Чет ГПТ и на Гугл Џеминај. Роботот-хирург се обучувал преку анализа на видеа од хируршки зафати и со практична работа врз органи од починати свињи. Така биле изведени 8 успешни операции со 100% ефективност, под внимателен надзор на научници. Овој пристап отвора нови можности за пренос и реплицирање на вештините на врвните хирурзи ширум светот.
Робот опремен со вештачка интелигенција, како и со алатки за сечење и фаќање меко ткиво, со 100% успешност отстрани жолчни меури кај свиња, без човечка помош. Научниците од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Балтимор, Мериленд, САД, по сето тоа, предвидуваат дека роботската хирургија би можела да се тестира на луѓе уште наредниве 10 години.
Според научниот труд на универзитетите Џонс Хопкинс, Стенфорд и Колумбија, ова е „пресвртница кон клиничката примена на самоуправувачките хируршки системи“, се наведува.
Технологијата – што им овозможува на роботите да манипулираат со меки ткива како што е жолчното ќесе – е вкоренета во широко користените ВИ-алатки како што се Чет ГПТ или Гугл Џеминај. Роботот-хирург се обучувал преку видеоснимки од лекари и изведувајќи операции врз органи земени од мртви свињи. На овој начин, 8 операции на свински органи со 100% стапка на успех беа извршени, под надзор на научниците. Ова отвора можности за масовно умножување на вештините на најдобрите хирурзи во светот.
Кралскиот колеџ за хирургија во Велика Британија соопшти дека ова е „возбудлив развој којшто носи големо ветување“, додека Џон Мекграт, водечки експерт за роботска хирургија во Велика Британија, ги нарече резултатите „импресивна новост“ којашто „нè води подалеку во светот на самоуправувањето“ – дури и во непредвидени случаи, типични за итна медицинска интервенција.
– Речиси сите 70.000 роботски процедури, што се изведуваат годишно во Националната здравствена служба во Англија, се целосно под човечки надзор. Може да се каже дека само сечењето коски за операции на колк и на колено е полусамоуправувачко – рече Мекграт.
Хируршките роботи биле малку побавни од луѓето лекари, но се постабилни и следат пократки патеки меѓу задачите. Роботот, исто така, може постојано и брзо да ги коригира и прилагодува своите чекори при работата, да бара различни алатки и да се прилагоди на анатомските разлики, се вели во рецензија објавена во списанието „Сајенс роботикс“ (Science Robotics).
– Ова е премин од роботи што вршат одделни задачи до системи што вистински ги разбираат хируршките процедури – изјави проф. Аксел Кригер од „Џонс Хопкинс“.
Тој додаде дека овој систем може да се прилагодува според анатомијата на секој пациент.
Минатиот месец, британскиот министер за здравство Вес Стритинг изјави дека развојот и растот во роботската хирургија е во срцето на 10-годишниот план за реформа на британското здравство и за намалување на листите на чекање.
Иако интервенцијата траела подолго отколку кога ја изведува човек, резултатите биле споредливи со оние на експерт хирург, наведуваат истражувачите. Во пробната фаза на „Џонс Хопкинс“, на роботите им требале нешто повеќе од 5 минути да извршат операција од 17 чекори. Роботите си ги коригирале прилагодените потези без никаква човечка помош во просек шест пати во секоја операција.