КОСОВО СЕ НАОЃА ВО ПОЛИТИЧКИ ГОРДИЕВ ЈАЗОЛ, А КУРТИ ГО ЗАПЛЕТКУВА НАМЕРНО? Блокирано Собрание, етнички тензии и избори на повидок

Паралелно со институционалниот ќорсокак, Косово се соочува со растечки тензии со српската заедница. Рации, апсења и обвинувања за политички прогон го влошуваат етничкиот амбиент пред можни избори. Додека истекува уставниот рок за формирање на Собранието, аналитичарите предупредуваат дека земјата оди кон нови избори без јасна политичка алтернатива. Премиерот Албин Курти нема мнозинство, а опозицијата не презема одговорност - што ја засилува перцепцијата дека политичкиот ќорсокак е намерно одржуван.

533

Конститутивната седница на Собранието на Косово во четвртокот, на 3 јули, беше прекината по 41-ви пат, откако повторно пропадна иницијативата на партијата Самоопределување на премиерот Албин Курти за избор на претседател на парламентот преку тајно гласање. Овој потег, кој опозицијата го смета за нетранспарентен, дополнително ја продлабочи политичката блокада која трае со месеци.

Седницата беше прекината откако само 54 од 99 пратеници гласаа за формирање на комисијата – недоволно за да се продолжи.






Со тоа, Косово останува без конституиран парламент, иако Уставниот суд на 26 јуни наложи процесот да заврши во рок од 30 дена, оценувајќи дека тајното гласање иницирано од Самоопределување било спротивно на Уставот. Но, судот не наведе што точно следува ако рокот истече, отворајќи нова „сива зона“ во уставната пракса.

Курти без мнозинство, опозицијата без волја

Додека истекува уставниот рок за формирање на косовското Собрание, сè погласни се гласовите дека земјата оди кон нови избори без јасна политичка алтернатива.

Политичкиот аналитичар Халил Матоши за Косово онлајн вели:

– Не очекувам Собранието да се конституира во рамките на рокот бидејќи Курти одбива да одговори на волјата на народот, а опозицијата не презема иницијатива.

Како што забележуваат повеќе аналитичари, нови избори се сè поизгледна опција.

– Кризата е длабока и поларизирана. Ниту една страна не сака вистински компромис – вели Петар Ивиќ од иницијативата „Пупин“.

Тој додава дека дури и ако Собранието се конституира, нема гаранции дека ќе се формира влада, што значи дека ситуацијата ќе остане „заробена“.

Најреалното сценарио, според него, е распишување парламентарни избори во октомври, кога се одржуваат и локалните избори – што би било од корист за Самоопределување, кое би ги искористило локалните структури за мобилизација на гласачи.

„Курти има ќар од заедничкото одржување на локалните и на парламентарните избори“

Поранешниот претседател на Уставниот суд, Енвер Хасани, изјави дека одлуката на судот е нецелосна, бидејќи не е објаснето што точно бара Уставот според членот 90 во случајот кога Собранието не е формирано навреме.

– Одлуката требаше експлицитно да наведe што бара Уставот во вакви ситуации – вели Хасани.

Но поранешниот потпретседател на истиот суд, Кадри Круезиу, има поинаков став. Според него, одлуката е правно обврзувачка и ако не се испочитува рокот, претседателката Вјоса Османи може да го распушти парламентот и да распише вонредни избори.

– Секој пратеник е обврзан да учествува во формирањето на парламентот – да се изберат претседател и заменик-претседатели. Ако тоа не се случи, претседателката може да интервенира – изјави Круезиу за Косово онлајн.

Сепак, Ивиќ предупредува на уставна недореченост – можеби не може да се распушти нешто што сè уште не е конституирано, освен ако Курти формално не го побара тоа. Тој додава дека во политичката практика, кога парламентарни и локални избори се одржуваат заедно, тоа најчесто ја засилува позицијата на владејачката партија.

Рации, ракети и тензии пред избори

Паралелно со институционалната криза, Косово се соочува со нагласена етничка нестабилност, особено во односите со српската заедница.

На 22 јуни косовската полиција изврши рации на 3 локации – една во северна Митровица и две во Звечан – поврзани со лидерот на Српска Демократија (СД), Александар Арсенијевиќ. Во викендичка што ја користел, полицијата пронашла ракети и гранати закопани во штала, објави Јурактив.

Арсенијевиќ изјави дека станува збор за политичко местење:

– Нема сомнеж дека ова е монтажа. Шталата е отворена постојано, секој може да ги ставел таму.

Министерот за внатрешни работи, Џелал Свечља, го нарече Арсенијевиќ „криминалец“, а лидерот на СД одби да се врати во земјата поради безбедносни причини. Неговата партија го обвини режимот за политички прогон.

СД е нова политичка сила која ја отфрла контролната улога на Белград, но и дискриминаторните политики на Приштина, и станува сѐ попопуларна кај косовските Срби.

На 28 јуни (Видовдан), потпретседателот на СД, Стефан Вељковиќ, беше уапсен поради носење маичка со слика на Арсенијевиќ и со српско знаме. Пуштен беше истиот ден, но повторно задржан, а според СД, физички нападнат од непознати лица. Партијата тврди дека е извршен обид за убиство.

„Двајца мажи се обидоа да го прегазат со комбе. Еден е уапсен“, велат од партијата.

Иселување, поскапувања и енергетска криза

Според официјалните податоци, во првите шест месеци од 2024 година, над 37.000 граѓани ја напуштиле Косово, цените на храната пораснале до 16%, а турскиот оператор КЕДС (Kosovo Energy Distribution Services) предупредува дека енергетската мрежа е пред колапс поради преоптовареност и поради хроничен недостиг на инвестиции.

Во исто време, Европската Унија ја замрзна исплатата на 813 милиони евра грантови, поради застојот во нормализацијата на односите со српското малцинство. Во остар контраст, Србија веќе ја доби првата исплата од новиот ЕУ План за раст за Западен Балкан, што дополнително ја изолира Приштина на европската сцена.

Во овој контекст, кризата во Собранието не е само уставна загатка. Косово се соочува со целосно блокирани институции, растечка етничка поларизација и so ослабена доверба од страна на меѓународните партнери.

Прашањето повеќе не е дали ќе има избори, туку дали тие избори ќе донесат стабилност или ќе ја влошат политичката и етничката поделба.

 

Поврзани содржини