СЛЕДИ ДЕЦЕНИСКА КРИЗА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ, НО И ГОЛЕМА ШАНСА ЗА МЛАДИТЕ? Лекот е факултетите и ИТ секторот да направат своевидна AI револуција

Зошто да не се направат цели сектори? Да се направи задолжителна пракса со компаниите? За оваа компаниите кај нас се многу спремни. Постојат модели за ова. Но, главниот проблем е што тоа би било дополнителен трошок во буџетот и прилично голема задача за факултетите. Професорите, студентите, сите ќе мора да се обучат за новите алатки, вели првиот човек на Brainster на брифинг со новинарите.

2,283

Младите студенти кои ќе излезат од факултетите во наредните 10 години може да имаат сериозни потешкотии да најдат работа поради светската „експлозија“ на вештачката интелигенција која не ја одминува Македонија и која создава огромен јаз меѓу образованието и реалните вештини кои ќе бидат барани.

Но, истовремено, новата ера дава несекојдневна можност позитивно да ги промениме нештата во корист на нашите деца и идните генерации, ако се слушне гласот на ИТ заедницата.






Вака беше речено на заедничка средба на новинари со Петар Ниновски, првиот човек на академијата Brainster, компанија која има цела стратегија како, наместо одлив на мозоци(brain drain), да имаме факултети кои буквално ќе станат центри за вработување на луѓето и нивна едукација во многу тесна соработка со домашниот ИТ сектор и со експертите.

Трите типови компани и големиот ризик

Оваа стратегија, ова поврзување на образованието со ИТ секторот, како што беше речено, е нешто што е неопходно како ризик да се направи сега, една проактивна инвестиција во која ќе учествуваат и институциите, во која наместо да каска и да реагира отпосле, Македонија ќе добие шанса да биде лидер во регионот во она што доаѓа, AI револуција, автоматизација на услугите, целосно нов пејзаж на компании и нови, неочекувани работни позиции кои ќе ги заменат старите.

– Време е за ризици додека трае овој глобален инвестициски циклус во вештачката интелигенција. Зошто да не воведеме 3 предмети во средните училишта или на факултетите? Од нив можеби само 1 ќе даде силен ефект и тоа за неколку години. Такви се резултатите од крупните инвестиции во образованието, доаѓаат бавно, но сигурно – вели Ниновски.

Проекцијата на компанијата Brainster дека младите во оваа земја едноставно нема да бидат кадарни за новиот пазар повлекува едно предвидување. Според Ниновски, дури 80% од компаниите можеби нема да ги преживеат промените кои ги носи AI револуцијата, 19% ќе се адаптираат користејќи ги услугите на AI да ги намалат трошоците во нивната cost-benefit анализа, додека само 1% од компаниите вистински ќе победат, оние кои проактивно ќе иновираат, самите ќе создаваат услуги и ќе го водат патот.

Фото: pixabay.com

Што доведе до оваа „совршена“ бура?

Ниновски тргнува од нешто што се нарекува препознавање на обрасци(pattern recognition) во индустријата. За него постојат 3 клучни моменти кои довеле до оваа „совршена бура“.

– Прво, во ковид-кризата се јави вработување на „резервни играчи“, познато како „bench“. Се превработија луѓе во ИТ секторот и тоа го достигна пикот за потоа, по кризата, да дојдат масовните отпуштања, особено на програмери јуниори. Понатаму, со AI револуцијата, компаниите сфатија дека дел или целосно работата на јуниорите може да се замени со одредена автоматизирана AI алатка.

Третиот клучен момент за Ниновски е тоа што, според него, македонските факултети се изолирани во нивниот еко-систем, наместо, како што вели, да бидат супер-поврзани со индустријата и со други чинители за да го произведат посакуваниот кадар.

Каков кадар треба да произведат факултетите?

Според идејата на Brainster, факултетите треба да произведат кадар кој е микс на работник почетник кој веќе има работно искуство, нешто што според компанијата е реално можно ако има соработка.

Ниновски опишува концепт за поголема соработка споменувајќи го дуалното образование кое моментално постои во техничките струки во некои средни стручни училишта.

– Зошто да не се направат цели сектори? Да се направи задолжителна пракса со компаниите? За оваа компаниите кај нас се многу спремни. Постојат модели за ова. Но, главниот проблем е што тоа би било дополнителен трошок во буџетот и прилично голема задача за факултетите. Професорите, студентите, сите ќе мора да се обучат за новите алатки.

Фото: pixabay.com

Иновативното образование полека победува

За какви точно алатки зборува Ниновски? Brainster има план за создавање алатки за обучување голем волумен луѓе кои ќе можат да се користат во образованието. Една таква алатка ќе биде извезена како франшиза во Словенија.

Македонска компанија за првпат извезува образовен концепт во ЕУ преку стратешко партнерство со Erudio Education Group, словенечка образовна групација основана во 1993 година, која цели да воведе иновативни методи на учење.

„Оваа франшиза на Brainster, програмата NU High School Academy за средношколци ќе биде понудена во уште неколку европски земји, меѓу кои и Хрватска, додека пак дома, ќе продолжиме да нудиме концепт кој е баран во земјите на ЕУ“, велат од компанијата.

Компанијата веќе имаше успех во април со создавање на првиот македонски AI Агент Умниверзум кој им помага на средношколците во решавањето задачи по математика.

– Наскоро е можен протокол за соработка со некои институции за алатката Умниверзум за која веќе има голем одзив во јавноста. Желбата е да се изградат дидактички модули за користење на овие алатки со кои професорите и учениците ќе можат да ги користат. Досега Брејнстер сработи неколку алатки за институциите про-боно – вели Ниновски додавајќи дека младите веќе препознаваат дека не мора да ја напуштат земјата за да го добијат ова знаење.

Исто така, Brainster воведува програма за AI курсеви за вработените во компании. Таа е наменета токму за компаниите драстично да ги скратат трошоците за докедукацијата на своите вработени, кои во денешно време се движат и од 2.000 до 4.000 евра по лице за цел програмерски курс.

6 до 10 професионалци ќе учат нови вештини до 2027 година

Добрата вест е дека сите АI алатки ни се буквално достапни и дека трае „бранот“. Тоа е шансата за новите генерации.

– На секои 5 до 15 години се појавува нов бран кој го потресува системот од темел и поттикнува промени. Компаниите кои се двоумат дали да користат вештачка интелигенција ќе можат само да се обидуваат да го стигнат бранот и во крајна линија, да преживуваат – вели Ниновски.

На крајот на краиштата, вреди да се знае дека проблемот со овој јаз меѓу вештините и она што го нуди образованието, е и глобален проблем, но во трката Македонија може да победи, ако навреме го фатиме инвестицискиот бран во компаниите кој се случува токму сега.

Глобалните истражувања веќе укажуваат дека приближно 6 до 10 професионалци ќе имаат потреба од значајна надградба на своите вештини до 2027 година. Дополнително, речиси половина од вештините кои се потребни денеска, ќе треба да бидат сменети или надоградени, или воопшто нема да има потреба од нив.

 

Поврзани содржини