ПРИМИРЈЕ ИЛИ РУСКА ЛЕТНА ОФАНЗИВА НА ПОВИДОК? Големиот парадокс на војната во Украина

Додека тенковите напредуваат, а дроновите го параат небото, политичарите тивко преговараат. Тоа е големиот парадокс на војната во Украина – мирот како никогаш да не бил поблизу, а ни подалеку.

754

Војната во Украина, која започна со руската инвазија на 24 февруари 2022 година, сега влегува во својата четврта година. Но и покрај секојдневното крвопролевање, последните недели донесоа неочекуван пресврт: дипломатски маневри кои некои ги нарекоа први знаци на разум, а други – стратегиски трикови.

Од фронтот, пак, стигнуваат драматични извештаи. Русија мобилизира над 50.000 војници во близина на Харков, спремајќи летна офанзива, која, според западни анализи, има за цел да освојува позиции пред можната исцрпеност на ресурсите. Во само еден ден беа лансирани над 250 дронови и ракети врз Украина – најинтензивниот напад досега.






Но, во сенката на бомбите, се случи нешто неочекувано: размена на заробеници. И тоа не каква било, најголемата досега. Русија и Украина размениле речиси 700 лица. И тоа не е сè – најавени се уште неколку вакви акции, што ја отвора вратата за претпазливи надежи.

Како изгледа „мирот“ во 2025 година?

Според најновите податоци што ги пласира Russia Matters, Русија досега има изгубено над 790.000 војници, додека украинските загуби се проценуваат на околу 400.000. Цивилните жртви се над 12.000, а штетите врз инфраструктурата – особено земјоделската – се катастрофални. Само еден неодамнешен напад врз складишта за жито предизвика паника во светските пазари на храна.

Воените извештаи потврдуваат дека руските дронови стануваат сè пософистицирани, летаат повисоко и побрзо, а украинската ПВО (противвоздушна одбрана) сè потешко ги следи. „Митралези веќе не се доволни“, изјави еден украински офицер за Business Insider.

Дипломатија на мали чекори

Во меѓувреме, од Москва до Вашингтон, дипломатијата работи. Министрите за надворешни работи почнаа индиректна комуникација. Шефот на руската дипломатијата Сергеј Лавров навести дека неговата земја подготвува предлог за мировен договор, кој ќе биде доставен откако ќе заврши актуелната размена на заробеници.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изрази умерен оптимизам по телефонскиот разговор со Владимир Путин. Забележително е што САД не воведоа нови санкции против Русија, што дел од европските партнери го оценија како „загрижувачки сигнал“.

Затоа, Германија, Франција, Полска и другите земји од иницијативата Weimar+ најавија дека нема да дозволат „мир без Европа“. Тие се борат за вклучување на Брисел во секој можен мировен процес. Инаку, иницијативата Weimar+ е европска дипломатска алијанса формирана во февруари 2025 година, која ги обединува Франција, Германија, Полска, Италија, Шпанија, Обединетото Кралство и Европската комисија. Целта е да се обезбеди европска координација и влијание во мировните преговори за Украина, особено по исклучувањето на Европа од директните преговори меѓу САД и Русија.

На состанокот одржан на 12 мај 2025 година во Лондон, министрите на Weimar+ повикаа на итен, целосен и безусловен 30-дневен прекин на огнот за да се создаде простор за преговори за праведен и траен мир. Тие исто така се согласија да работат со Украина на зајакнување на нејзините вооружени сили, обновување на залихите на муниција и опрема и подобрување на индустрискиот капацитет. Групата размислува за создавање коалиција на воздушни, копнени и поморски сили за поддршка, кои би помогнале во создавање доверба во секој иден мировен договор и поддршка на обновата на украинските вооружени сили. Исто така, се работи на нови обврски за реконструкција и обнова, вклучително и на Конференцијата за обнова на Украина што ќе се одржи во Рим на 10-11 јули.

Минато што не се заборава

Историјата игра важна улога во оваа војна. Од „Кримската формула“ до „Минските договори“, секој претходен обид за мир заврши со нова ескалација. Затоа, сега никој не се надева на брзо решение. Дури и самите украински власти, предводени од Володимир Зеленски, тврдат дека можни се преговори – но само со силни безбедносни гаранции и со враќање на сите окупирани територии.

Од другата страна, Кремљ инсистира дека преговорите ќе бидат можни само ако се признаат „новите реалности“ на теренот, што подразбира де факто руска контрола врз делови од источна и јужна Украина.

Што велат обичните луѓе?

„Јасно го слушнав дронот како лета директно кон мојата куќа. Се скривме во подрумот со синот, но куќата беше целосно уништена. Сè уште не можам да се соземам.“

Ова сведоштво на Наталија Пивен (44), откако нејзиниот дом беше уништен во руски напад со дронови во мај 2025 година, го пренесоа повеќе медиуми. Во нападот загина нејзина сосетка, а неколкумина беа повредени, вклучително и четиригодишно дете. Жителите на Херсон го опишуваат постојаното присуство на руски дронови кои ги таргетираат цивилите како „хуман сафари“. Овој термин се користи за да се опише намерното таргетирање на цивили со дронови во регионот.

И сведоштвото на Марија Сериогова, од селото Писки во Доњецката област, зборува за бесмисленоста на оваа војна, но и за стравувањето дека мирот на фронтовите можеби нема да го врати и спокојството на луѓето.

„Сè што остана од мојот дом се урнатини. Не знам дали некогаш ќе можам да се вратам“, вели таа. Марија се вратила во своето село, целосно уништено по долгогодишни борби. Се надева дека ќе добие компензација, но изразува скептицизам за можноста да го обнови својот живот таму.

Каде води сето ова?

Можноста за мир постои, но сепак е далеку. Тековната размена на заробеници може да биде увертира за некакви преговори. Но експертите предупредуваат – доколку Русија го започне најавениот напад врз Харков, шансите за сериозен мировен процес повторно ќе исчезнат.

Светот, особено Европа, ќе мора да одлучи – дали ќе го остави решението во рацете на Вашингтон и на Москва, или ќе настапи обединето. Дотогаш, воените сирени ќе продолжат да бијат, а надежта за мир – сè уште ќе биде само бледо светло на крајот од тунелот.

Поврзани содржини