ШТО СЕ МАЈМУНСКИТЕ СИПАНИЦИ И КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИТЕ? Професор Даниловски даде неколку совети
Професорот и епидемиолог Драган Даниловски појаснува дека инкубациониот период на мајмунските сипаници обично трае меѓу 6 и 13 дена, но може да се движи и од 5 до 21 ден. Болеста најчесто трае од 2 до 4 недели и во повеќето случаи се повлекува самостојно, без потреба од специфичен третман. Сепак, кај лица со намален имунитет, бремени жени и деца, можни се потешки компликации.
Познатиот епидемиолог проф. Драган Даниловски објаснува сè што треба да се знае за мајмунските сипаници, откако во земјава беа потврдени 2 лабораториски случаи на оваа заразна болест.
Станува збор за двајца пациенти кои со симптоми карактеристични за ова вирусно заболување биле упатени од Клиниката за кожни болести до Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Што се мајмунските сипаници?
Мајмунските сипаници се вирусна болест предизвикана од вирусот monkeypox, кој припаѓа на истото семејство како и вирусот на големите сипаници (variola vera). Симптомите обично вклучуваат:
- Треска
- Главоболка
- Болки во мускулите и грбот
- Зголемени лимфни жлезди
- Исцрпеност
- Кожен осип кој може да се појави на лицето, рацете, стапалата, гениталната област или други делови од телото
Инкубациониот период е обично од 6 до 13 дена, но може да варира од 5 до 21 ден. Болеста трае од 2 до 4 недели и во повеќето случаи се повлекува без потреба од специфичен третман. Сепак, кај лица со ослабен имунитет, деца и бремени жени, може да се развијат посериозни компликации.
Како се пренесува вирусот?
– Директен контакт со кожни лезии или телесни течности на заразено лице;
– Близок физички контакт, вклучувајќи сексуален однос;
– Контакт со контаминирани предмети како облека, постелнина или прибор;
– Респираторни капки при продолжен близок контакт лице в лице.
„Болеста не се пренесува лесно. Потребен е близок, продолжен контакт!“, потенцира доктор Даниловски.
Ризикот за епидемија е многу низок, додава тој, а состојбата се следи од здравствените власти.
Што да направите за сопствена заштита?
- Одржувајте хигиена (миење раце со сапун и вода);
- Избегнувајте близок контакт со симптоматски лица и споделување на лични предмети;
- Консултирајте лекар при сомнителен осип.
Д-р Даниловски апелира јавноста да се информира од релевантни извори, а не од гласини.
„Мајмунските сипаници не се нова, ниту неконтролирана закана. Ситуацијата бара информираност и претпазливост, но не и паника. За повеќе информации, посетете ја веб-страницата на Институтот за јавно здравје“, посочи д-р Даниловски во својата објава на социјалната платформа Фејсбук.