ДАЛИ БИ ВОЛОНТИРАЛЕ НА ГОДИШЕН ОДМОР? Loloma hour наместо happy hour
Без разлика дали станува збор за учење за одгледување корали, чистење плажи, приклучување кон прошетки за зачувување на игуаните или готвење со селаните, на островот Фиџи сакаат да го направат патувањето на туристите што е можно поодржливо. Ние во Македонија имаме доволно ресурси што треба да се зачуваат за да можеме слободно да ја украдеме идејата, нели?
Сите веќе добро го знаеме терминот happy hour, буквално преведен како „среќен час“, кој означува време кога можете да купувате по значително поевтини цени во рестораните, кафулињата и продавниците. Но, дали сте слушнале за „Loloma hour”?
Тукушто е воведен од Република Фиџи, островска држава во Океанија, сместена во Јужниот Пацифик, околу 2.000 километри од Северниот острова Нов Зеланд. Лолома е фиџиски збор за дарежливост водена од љубов, а новата програма на овој тропски бисер со волшебна природа ги поканува посетителите да помогнат во неговата заштита – без разлика дали станува збор за учење за одгледување корали или готвење со локалното население, Фиџи сака туристите да го направат своето патување што е можно поодржливо.
Поминете барем еден час од вашиот годишен одмор возвраќајќи им на околината и на заедницата
„Вистинската среќа не доаѓа само од она што го земате, туку и од она што го давате“, објаснува Сришти Нарајан, директор за маркетинг во Туристичкиот одбор на Фиџи, пренесува „Еуроњуз“. Водени од оваа мисла, тие го создадоа „Loloma hour” со цел да ги привлечат гостите да поминат барем еден час од својот одмор возвраќајќи ѝ на животната средина и на локалната заедница.
Садење мангрови шуми, чистење на рајските плажи, готвење локални специјалитети со селаните, грижа за коралите или изработка на традиционални ракотворби се само некои од опциите, но сите тие имаат иста цел – да го оставите островот подобар отколку што сте го нашле. Фиџи сака патниците да го заменат лежењето на сонце со нешто позначајно, барем накратко.
Целта на програмата е да се зачува богатото културно наследство и природните еко-системи
„Loloma hour” е веќе воведен во десетици еколошки хотели и одморалишта и всушност е дел од пошироката стратегија на Фиџи за зачувување на своето културно наследство и природните екосистеми, со создавање смислена размена меѓу туристите и локалното население. Иницијативата поддржува активности поврзани со зачувување на дивиот свет, поддршка на заедницата, заштита на коралните гребени и грижа за крајбрежјето.
На пример, гостите можат да се приклучат на прошетка за зачувување на игуаните, да учествуваат во безбедно нуркање на гребен или да присуствуваат на селски настан за раскажување локални приказни. Целта е туристите да завршат најмалку 5.000 волонтерски часови низ островската земја оваа година.
Пет од десет најодржливи дестинации во светот минатата година беа во Европа
Анкета од 2023 година спроведена од платформата Booking покажала дека дури 76 проценти од нивните корисници сакаат да патуваат на поодржлив начин. Според Lonely Planet“, пет од десетте најодржливи дестинации во светот минатата година биле во Европа, а Фарските Острови и Нормандија биле особено пофалени за нивните пионерски програми за регенеративен туризам.
Од Тајланд до Гренланд, туристичките одбори и приватните оператори почнаа да размислуваат за сè, од интеракциите со дивите животни до нуркачките патувања, за да ги направат годишните одмори поцелисходни.
Оваа нова деловна политика е особено важна за островите во Пацификот, кои, под притисок од зголемувањето на нивото на морето, белењето на коралите и екстремните временски настани, се најдоа на првата линија на климатската криза. И со оглед на тоа што туризмот сочинува околу 40 проценти од БДП на Фиџи, претворањето на туризмот во алатка за промени би можело да ја одреди иднината на целата земја.
Засадете автохтони дрвја или документирајте ја популацијата манти
Досега, „Loloma hour” е присутен во 21 објект низ Фиџи, од луксузни хотели со пет ѕвездички до еко-одморалишта. Гостите можат да пливаат низ расадници од корали, секако, во придружба на експерти, да садат автохтони дрвја, да разгледуваат органски градини, да слушаат предавања за морето, да документираат ранливи популации на манти за време на нуркање…
„Со учеството во овој проект, туристите помагаат да се зачува она што го прави Фиџи толку посебен – неговите луѓе, животната средина и традициите“, заклучува туристичкиот одбор.
Ние во Македонија имаме доволно ресурси што треба да се зачуваат за да можеме слободно да ја украдеме идејата, нели? Што би можеле да опфатат во оваа смисла туристичките понуди кај нас?