СОЈА СОС СО МАЏУН, СУШИ СО КОЧАНСКИ ОРИЗ Јапонката Кјоко-сан, Скопје ја потсетува на детството во Осака, а открива и што ни е заедничко
Кјоко Нишикава е готвачка на јапонскиот амбасадор во Скопје околу една година. За тоа време веќе учествувала во правење на ајвар, дегустирала многу традиционални јадења и несебично ги споделила своите јапонски специјалитети спарени со македонски вина, со своите пријатели во Скопје. И направила одличен спој создавајќи го својот омилен јапонско-македонски сос: соја сос и маџун!
Кјоко Нишикава е готвачка на јапонскиот амбасадор во Скопје. Таа е од Осака кадешто завршила училиште за физичко образование со цел да стане спортски инструктор.
„Во тоа време го открив ватерполото, а за да продолжам да играм ватерполо, најпрвин работев во електротехничка компанија која се наоѓаше во близина на базенот во кој почнав да тренирам. Многу се загреав за овој спорт па откако гледав еден натпревар во ватерполо во Унгарија, дадов отказ и заминав на Хаваи кадешто играв ватерполо шест месеци. Во тој период одлучив дека повеќе сакам да живеам во странство, па побарар на Гугл за да дознаам каква работа ќе ми го овозможи тоа и дојдов до кулинарството“, раскажува нашата нова пријателка Кјоко-сан.
Потоа, почнува новото поглавје во нејзиниот живот. Бидејќи сакала да готви, се запишала во кулинарско училиште за да се сконцентрира на готвењето и да научи повеќе. Во слободното време, секако, одела на ватерполо.
Потоа, речиси 10 години работела во традиционален јапонски ресторан, кадешто правела суши и други јапонски јадења кои се дел од нивната традиционална кујна, а главно ја практикувала Шоџин Риори (SHOJIN RYORI), традиционалната храна на зен-будистичките монаси во Јапонија. Станува збор за вегетаријанска кујна која, секако, не мора да бидете монах, па дури ни вегетаријанец за да ја пробате. Дури и храбар месојад ќе биде изненаден од многуте вкусови и текстури на оваа будистичка вегетаријанска кујна.
Целиот текст за Кјоко-сан прочитајте го на „Арт кујна“.