ЈА НАПИША ХИМНАТА И ЈА ОТСВИРИ НА ГИТАРА Годишнина од раѓањето на Владо Малески

На гитара свиреше и пееше Владо Малески. Песната ја пееше со восхит, а присутните со смиреност го следеа и потпевнуваа. За песната беа изречени многу убави зборови потенцирајќи дека во нејзината содржина е сета македонска историја и иднина, ќе рече Никола Кочоски за новогодишната ноќ спроти 1942 година каде за првпат била отсвирена „Денес над Македонија се раѓа“.

1,320

На пречекот на новата 1942 година во куќата на Сотир Шута во Струга се случил судбоносен настан за македонската историја. На гитара пред присутните тогаш младиот македонски партизан, а подоцна писател Владо Малески ја свири и пее песната која ја напишал, а која требало да претставува химна на Македонија.

Во тогашната верзија на „Денес над Македонија се раѓа“ го имало името на Никола Карев, но и на Димитар Влахов, а строфата со „горите македонски шумно пејат“ била втора, иако денес таа е последна.






За собиранката во куќата на Сотир Шута каде Малески своевремено изјавил:

– Со оглед на приликите, тоа секаде се прави да не падне во очи пречекот на новата година имаше за цел да се собере младината и под оваа форма да се разговара за претстојниот вооружен отпор против фашизмот. Тогаш се информирав и за нападот на полицискиот участок во Прилеп и нападите во Куманово. Што се однесува на програмата за дочек на нова година јас, Боро Путе и Димче Кошарко, ја подготвивме песната „Денес над Македонија“ која набрзо потоа ќе стане најпопуларна песна во цела Македонија и која до ден денеска се одржува како еден вид македонска химна.

Меѓу присутните активисти на народно-ослободителното движење на Македонија бил и блискиот пријател на Малески, Никола Кочоски кој за песната изјавил:

– Бев поканет од мојот другар Јосиф Миса да присуствувам на новогодишната игранка во домот на Сотир Шута. Кога влегов во горните одаи на куќата пријатно бев изненаден од амбиентот во кој се пееше песната „Денес над Македонија“ за чие име дознав во текот на вечерта. На гитара свиреше и пееше Владо Малески. Песната ја пееше со восхит, а присутните со смиреност го следеа и потпевнуваа. За песната беа изречени многу убави зборови потенцирајќи дека во нејзината содржина е сета македонска историја и иднина. Таквата пријатна атмосфера овозможи и сериозен разговор кога за првпат бевме информирани за успесите во војната што се води против фашизмот, како и за првата вооружена акција на македонските борци со нападите во Прилеп и Куманово.

Македонската химна која ја знаеме денес била утврдена со посебен закон во 1992 година, а за текстот постоела собраниска расправа. Исклучувањето на Карев, а додавањето на Даме Груев од стиховите останува непознаница.

Оригиналната верзија гласела:

Денес над Македонија се раѓа,
ново сонце на слободата!
Старо младо машко и женско,
на нозе се кренало!
Старо младо машко и женско,
на нозе се кренало!

Горите Македонски шумно пеат,
нови песни, нови весници!
Македонците се борат,
за своите правдини!
Македонците се борат,
за своите правдини!

Одново сега знамето се вее, (Од гроб станаа славните ѕидари)
на Крушовската република!
На Гоце Делчев, Питу Гули,
Карев, Влахов, Сандански
На Гоце Делчев, Питу Гули,
Карев, Влахов, Сандански

Не плачи Македонијо мајко мила,
Крени глава гордо високо,
Македонија слободна,
слободна ќе живее!
Македонија слободна,
слободна ќе живее!

Малески, кој е роден на денешниот ден во 1919 година, по војната ќе ги напише своите познати романи, „Разбој“ и „Она што беше небо“, но и плејада други книги, раскази, разгледи. Стружанецот ќе стане првиот човек кој ќе ги изговори зборовите „зборуе Радио Скопје“ со директен пренос на заседанието на АСНОМ од 1944 година.

– На 28 декември, од денешната сала на републичкиот собор, првпат во историјата на овој народ пливнаа македонски зборови по воздушните бранови за на народот да му ја доловат сликата на заседанието на македонскиот парламент. Репотер бев јас. Не се сеќавам на ниту еден збор што го пратив во микрофонот, но сигурен сум дека реченото, секако наивно, невешто, неучно, беше откорнато од срцето – се сеќава тој.

На радиото била пуштана песната „Абре Македонче“, а со гонг го најавувале времето.

Освен како битен општествник и писател, Малески е познат како уредник на клучните списанија „Современост“, „Нов ден“ и „Разглед“, работел како амбасадор во Либан, Етиопија и во Полска, а бил и член на претседателството на Социјалистичка Република Македонија.

 

Поврзани содржини