ШТО НЀ СПРЕЧУВА ДА ГО ПРОБАМЕ ОВА И ВО МАКЕДОНИЈА? Купи напуштена куќа за 1 евро во Сицилија

Експертите типуваат дека ваквиот проект во Македонија би вродил со плод, но дека пренесувањето на земјиштето од наследниците на напуштените куќи или имоти на државата која потоа би ги продавала за 1 евро е само по себе предизвик. Освен што решението потребува здружување на институциите, експертите велат дека потребни се и други законски измени или програми за да се премости јазот на имотно-правните односи.

1,232

Што би било ако на младите парови им понудите за само 1 евра а купат напуштена куќа во некое живописно село, со обврска самите да ја реновираат за повторно да заживее тој крај?

Токму ваквата акција раѓа плодови во јужна Италија. Српските медиуми објавуваат приказна за млад брачен пар од Аргентина, кои неодамна купиле ваков објект велат дека тоа е најдобрата одлука која некогаш ја направиле.






Ако имаме предвид дека реновирањето на куќата е секогаш далеку поевтино од купувањето имот и објект и дека младите Срби дале депозит од 5.000 евра како гаранција дека ќе реновираат, идејата, на прв поглед, изгледа економски исплатлива и за нашето поднебје.

Покрај овој услов, државата Италија ги фаворизира паровите кои ќе ангажираат локални работници и ќе користат локални материјали за да ја реновираат куќата, но и оние кои се спремни што побрзо да започнат со работата.

Мирослав Грчев: Прашањето на сопственоста е клучно!

Плусинфо разговараше со неколку експерти за тоа како оваа идеја може да стане реалност во Македонија, земја која има многу стари, привлечни и полни со историја, а напуштени села. Повеќето од експертите, вклучително и претставници на локалните власти, сметаат дека идејата е одлична, но се согласуваат дека пренесувањето на имотот на напуштената куќа на име на државата може да предизвика проблеми.

Професорот и експерт по урбанизам Мирослав Грчев вели дека идејата на ваков начин да се ревитализираат напуштените краишта во земјава е сјајна, но клуч за нејзина реализација е прашањето на сопственоста.

– Државата може да продава само земјиште и објекти кои се во нејзина сопственост. Во повеќе европски земји има регулатива според која напуштените имоти по извесен период стануваат сопственост на државата. Значи, неопходно е да се проектира првиот чекор, а тоа е преносот на сопственоста на имотот кон новиот сопственик – вели Грчев.

Професорот објаснува зошто за решавање на имотно-правните односи потребен е проект во кој ќе учествуваат повеќе институции, придружен со соодветна регулатива.

– Таа работа не е едноставна, иако има регулатива во таа насока, која постојано се менува и најчесто не се применува. Потребно е со учество на повеќе институции да се подготви еден сериозен и темелен проект, чија цел ќе биде напуштеното земјиште и напуштените објекти, кои во Македонија ги има, да се префрлат во државна сопственост, а потоа слично како и во тој проект во Италија, сопственоста да се пренесе на нови сопственици кои би граделе, би реновирале и би создавале урбани заедници во напуштените краишта – вели тој.

Повисок данок на имот и – напуштените куќи сами ќе ѝ ги подарат на државата

Александар Стојковски, градоначалник на скопската општина Ѓорче Петров, нуди и друго гледиште за проблемот на напуштените куќи, а тоа е поврзано со прашањето колкав данок на имот плаќаат граѓаните кои наследиле ваков имот. Според него, државата може да ги натера граѓаните побрзо да ѝ ги продадат имотот или куќата на државата ако плаќаат повисок данок на имот, наместо сегашната екстремно ниска сума.

– И јас се согласувам дека сопственоста е најважното прашање, бидејќи национализацијата како метод на преземање на приватната сопственост од страна на државата е непопуларна и неодржлива мерка. Според нашето искуство, клуч за евентуално лесен пренос на сопственоста на напуштените имоти во државна сопственост е данокот на имот. Во овој момент, но и подолго време, во Македонија се плаќа нереално низок данок на имот и на станбени објекти и на другите недвижни имоти – вели тој.

Тоа ги демотивира и сопствениците на станови што не ги користат, а бездруго и сопствениците на целосно напуштени имоти, да размислуваат што да со нив:

– Имаме многу вакви примери: данокот на имот за една куќа или за плац во некое запуштено село или не се плаќа, или е сведен на смешна сума. Кога данокот на имот би биле реален и повисок, сопственикот на таа куќа и на тој имот, кој е целосно напуштен и кој не го користи со години, едноставно ќе одлучи да го пренесе во сопственост на државата. Во обратниот случај, како сега, тој не прави ништо и се води од логиката „нека седи, нити јаде нити пие“ – вели Стојковски.

Без државата да регулира граѓаните бескрајно ќе докажуваат на чиј дедо е имотот!

Жарко Ристески, градоначалникот на општината Македонски Брод, вели дека Поречијата е идеален крај во кој еден ваков проект може да заживее. Но, објаснува тој, проблемот не е само што државата треба ја преземе сопственоста на имотите – најчесто не се знае од кого, кој е нивниот сопственик.

– Нашата општина би била идеална за еден ваков проект, бидејќи во Поречијата речиси во сите села има многу напуштени и руинирани објекти. Но, има еден голем проблем за кој во овој момент не гледаме решение. Имено, за најголем дел од тие објекти не се знае кој е нивниот сопственик. Наследувани се од дедо и од прадедо, има многу знајни и незнајни сопственици, но најчесто сопственоста е пренесувана надвор од каква било законска процедура. Проблемот е уште поголем што во огромен број случаи е речиси невозможно тие процедури да се завршат и да се регулира сопственоста, бидејќи многу луѓе се починати, а многу и се непознати. Според моето мислење, потребно е на државно ниво да се донесе регулатива која ќе овозможи ваквите имоти на законски начин и без повредување на приватната сопственост, да преминат во државна сопственост – подвлекува Ристески.

Експертите велат дека вакви или слични проекти, освен во Италија, има и во многу други земји во светот. Нивното дизајнирање и спроведување никаде не оди лесно. Но, трудот се исплатува, бидејќи нема поскапо од тоа имотите и куќите да пропаѓаат, препуштени на забот на времето.

Поврзани содржини