РЕАЛНОСТ ПРИДВИЖЕНА ОД НАДРЕАЛИЗАМ Кога митологијата го пресретна животот во Старовремскиот роман на Влада Урошевиќ

Не е доволна дипломата од Париз за Никола да стане зрел маж/човек, тој треба да помине низ процес на иницијација и да ги заслужи титулите „глава на семејството“ и „учен човек“. Никола не е некој бестрашен лик, но е свесен дека само тој во неговото семејство може да го најде клучот за несреќите и да се справи со претстојното зло.

283

Реалност зачинета со мала доза надреализам кој е потребен за да го мотивира дозревањето на главниот лик во возрасен човек. Така накусо би ја опишала загатката што ни ја приредува писателот академик Влада Урошевиќ во неговиот седми и најнов роман со најдолг наслов „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ (Арс Либрис, дел од „Арс Ламина – публикации“, 2023).

Самиот наслов на романот навестува дека Урошевиќ ќе си поигрува со вистинитото и со веројатното, односно со реалното и со надреалното.






Умерениот и прифатлив надреализам, изразен преку духот/ликот на Мефисто, е нужен за да се вметне возбудливост во едно здодевно и забавено секојдневие во една куќа крај реката Вардар, надвор од Скопје, во 19 век. Сите молчат, но знаат дека овој дух со векови живее во осамената куќа на крајот од градот, па затоа ја избегнуваат. Враќањето на Никола Пустополски од студиите по фармакологија во Париз, ќе ги разбуричка демоните во големата куќа, која ја купил неговиот богат дедо од еден турски дипломат, но за кого не се знае како ги стекнал парите.

Кога се враќа од Париз, Никола дома ги затекнува татка си Харалампие, трговец на ангро, и мајка си Евдокија, но и трите братучетки Деспина, Дафина и Алила, чии родители во меѓувреме починале.

Никола планира да отвори аптека во скопската чаршија и уште од првиот ден кога ќе прошета низ чаршијата ќе се соочи со „Човекот-скорпија“, како што ќе го нарече отелотворениот дух на Мефисто. Никола бендисува еден прстен за кој кујунџијата му раскажува необична приказна. Постоеле 4 прстени на кои бил изгравиран круг кој бил пополнет како четирите фази на Месечината. Додека прстените биле кај нивните први сопственици, четворицата браќа, тие биле среќни и богати, а кога тие ги продале прстените настапиле бројни несреќи. Со ова писателот ни навестува дека главниот лик ќе се впушти во потрага по прстените, но дека тоа нема да биде сосема наивна и среќна потрага. Никола ќе доживее неколку авантури, потоа неколку трагедии ќе го погодат семејството Пустополски, како што се смртта на таткото и на мајката, но и необјаснетата погибел на двете братучеки…

Додека Никола го гони духот на „Човекот-скорпија“, него пак, во озлогласената куќа го прогонува духот на неговата некогашна жителка, Французинката Жизел Делавињ, која била мажена за турскиот дипломат кој од љубомора ја убил и ѝ ја отсекол главата. Низ неколку случајни средби и случки, Никола ќе ја најде нејзината отсечена глава, додека мумифицираното тело на Жизел ќе му пристигне на домашна адреса. По погребот на Жизел, нејзиниот дух веќе нема да талка низ куќата, а со смртта на повеќето жители на овој маѓепсан дом, и отелотворението на самиот Мефисто, полека ќе се смалува додека сосема не исчезне.

Не е доволна дипломата од Париз за Никола да стане зрел маж/човек, тој треба да помине низ процес на иницијација и да ги заслужи титулите „глава на семејството“ и „учен човек“. Никола не е некој бестрашен лик, но е свесен дека само тој во неговото семејство може да го најде клучот за несреќите и да се справи со претстојното зло.

Куќата на семејството Пустополски истовремено претставува симбол на изумирање на старото и раѓање на новото – новиот век, новиот модерен живот, новите образовани генерации. Симбол на победата на животот над смртта.

И во овој роман (претходно во „Маџун“) Урошевиќ ги оживува спомените од своето детство. Тоа е сеќавање на едно време кое речиси исчезнало од колективната меморија, кое сега е присутно главно во спомените на најстарата генерација живи Македонци, но за среќа ќе остане засведочено засекогаш во литературата.

Тоа е време кога животот се одвивал бавно, кога дестинациите се минувале со пајтон или со воз, кога временските услови и калта го одредувале не/движењето на нештата. Тоа е време предвесник на промените, на новостите кои забрзано почнуваат да доаѓаат од поразвиените земји, како што се модата, лекарствата, критичкото размислување…

Затоа Урошевиќ во поднасловот го заглавил овој роман како „Старовремски роман“. Животот во овој век е опишан со бројни архаизми и кованици кои се поретко се користат и во литературата, но и во живиот говор. Иако „старовремски“, сепак, романот има „модерни“ трилер елементи кои му даваат современа димензија и се навистина примамливо четиво за сегашните генерации читатели. Писателот сосема ненаметливо зборува за едно старо време, ја оживува антиката преку митологијата на стариот Египет, но она што му дава живост и вечност на романот се емоциите на ликовите и нивното тежнение кон правда и кон внатрешен мир.

Поврзани содржини