ДА СЕ ИЗГУБИШ СЕБЕСИ ЗА ОДНОВО ДА СЕ НАЈДЕШ Лазар од „Сфинга на гневот“ на Кујунџиски е симбол на вечната потрага по личниот идентитет
Една смислена игра ќе му го преврти животот наопаку и ќе го натера да почне одново да чекори низ животните лавиринти ама со поголема свесност за сето она што не е на хартија, додека всушност трага по ново дело, за кое тој верува дека ќе му го спаси потонатиот издавачки бизнис.
Да се изгубиш себеси за одново да се најдеш е авантурата што му се случува на скопскиот издавач Лазар Отадески, кој го посветил сиот свој живот на книгата и на книжевноста и при тоа ги запоставил другите радости.
Една смислена игра ќе му го преврти животот наопаку и ќе го натера да почне одново да чекори низ животните лавиринти ама со поголема свесност за сето она што не е на хартија, додека всушност трага по ново дело, за кое тој верува дека ќе му го спаси потонатиот издавачки бизнис.
Судбината на Лазар, главниот лик во романот „Сфинга на гневот“ на Жарко Кујунџиски (Антолог, 2021, второ издание), ќе му ја скрои Марко, најталентираниот писател кому тој му издал книга. Марко ќе смисли план во кој една ретка книга ќе му ја одреди судбината на Лазар, големиот издавач, кој преку издавање книги всушност им ја одредува судбината на писателите. Планот ќе го однесе Лазара во сценарија од трилер романи, лично да ги доживее авантурите на книжевните ликови, за потоа да му се врати на реалниот живот со нов променет, олеснет идентитет.
Додека Лазар е претставен како реален човек со реални проблеми, Марко е негова спротивност – тој е мистик, ретко надарен писател кој се прославил преку ноќ, кој живее во романот преку други ликови до степен читаталот да се запраша дали навистина постои или е измислица на самиот Лазар за да биде двигател на промените кои му се лично потребни.
Играта во која ќе биде вовлечен Лазар, како главен лик, ќе го прошета во антиката, во стариот Египет, Грција и Рим, Скопје и во Сплит, во времето на египетските и сплитските сфинги, Пандора, Диоклецијан, Пиколомини, Гргур Нински, Константин Миладинов… Преку него, авторот Кујунџиски споделува познавања од антиката, од историјата, кои се корисни и за читателот, како и сведоштва за политички и општествени случувања во Македонија во последнава деценија.
Книгата задира и во болното прашање на опстанок на книжевните издавачи кои освен со финансиски проблеми се соочуваат и со загуба на публика, но го допира и влијанието на социјалните медиуми врз животот на современиот човек, придобивките од интернетот и интернет медиумите, кои известуваат „во живо“.
Романот „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски на 5 септември ќе биде претставен пред скопската публика во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ која стартува со кампањата „Читаме современи македонски автори“, чија цел е на читателите да им се доближат делата на современите македонски писатели од поновата генерација.
Кујунџиски, кој и самиот е писател и издавач, ќе има можност да разговара со неговите читатели кои ќе ги споделат со него впечатоците по читањето на овој едукативен авантуристички трилер.