ПРИКАЗНАТА ЗА ЦРЕШОВИТЕ ТОПЧИЊА И НИВНАТА СУДБИНА Буџетот на Крушевската влада бил „тежок“ 3 000 турски лири

Историчарот Зоран Богески вели дека нема многу информации за црешовите топчиња, за кои се смета дека имало повеќе од десет. Најпознати се оние од селото Селце. Токму за едно од топчињата од ова село се мисли дека е она што е изложено во Истанбул.

451

Приказната за црешовите топчиња е секогаш интересна во пресрет на празнувањето на 2 Август Илинден.

Историчарот Зоран Богески вели дека нема многу информации за црешовите топчиња, за кои се смета дека имало повеќе од десет. Најпознати се оние од селото Селце. Токму за едно од топчињата од ова село се мисли дека е она што е изложено во Истанбул.






– Кога говориме за Крушевската револуционерна околија, буквално може да се разграничат два вида топови: тоа се топовите изработени во село Селце од Цветко Стојчев, непосредно пред Илинденското востание. Во изворите се посочуваат седум такви топови. Веднаш по ослободувањето, се изработени црешови топови во дуќанот, во туфекчиската работилница на фамилијата Борјар, а се доработувани во качарскиот дуќан на фамилијата Талевци. Податоците говорат дека селчанското топче доживеало огнено илинденско крштавање што му дало и епопејни димензии, додека, пак, од топчињата изработени во Крушево се споменуваат три. Поточно, едно од топчињата е поставено во непосредна близина на манастирот „Свети Спас“. Во време кога востаниците увиделе дека мора да го отстапат ровот, донеле одлука да го наполнат со експлозив и со материјали кои треба да служат како гранати, тоа се, всушност, тегови од кантар, и да постават бавногоречки фитиљ. Згрешиле, ставиле брзогоречки фитиљ, но за среќа, никој не настрадал – објаснува Богески.

Според достапните пишани извори, две топчиња направени во Селце, се поставени на месноста Кале. Се претпоставува дека едно од нив денес е еден од воените трофеи на тогашната османлиска власт во Истанбул.

– Во почетокот на Востанието, поточно на 5 август 1903, едно од црешовите топчиња е испробано на месноста Гумење, изработено во селото Селце кое во функција се обидел да го стави повоениот поручник Тодор Христов, член на Горскиот штаб. Топчето распрснало поради слабата затегнатост на обрачите. Другите топчиња потоа биле испробани и се покажале во подобра кондициона состојба и ги издржале првите обиди за испробување. Веднаш потоа се изработени уште три црешови топчиња во споменатите дуќани, но не се знае нивната судбина – вели Богески.

Како функционирала востаничката влада?

Историските извори велат дека Владата на Крушевската Република имала шест ресори, одлично функционирала, имало ред и поредок. Заседавала во некогашното Патријаршиско училиште кај крушевскиот Монопол. Се знае за донесени одлуки, а буџетот, според единствениот запис, наводно, бил „тежок“ 3 000 турски лири.

Владата функционирала многу експедитивно, онака како што може да се посакува во воени услови и како што треба да се воспостави една востаничка власт. Ноќта помеѓу 4 и 5 август 1903 година, крушевската влада донела седум одлуки кои биле од витално значење за воспоставување на редот и поредокот во градот. Граѓаните на Крушево биле многу љубопитни што се случува. Дел прославувале, па во градот се случил голем метеж. Кога го видело тоа Горското начелство, како врховна команда и власт во тие воени услови, одлучило да свика собрание на кое била избрана владата и ги донела тие одлуки. Првата и основната одлука била да се воспостави ред и поредок во градот. Се формирала градска милиција од крушевчани – доброволци. Имало одлуки да се направат леарници за потребите на востаниците и градот со сите ресурси да функционира беспрекорно. Имам забележано (во книгата за Никола Карев) изјава од Тоду Борјар од тоа време, која најсликовите ги објаснува состојбите: „Во слободното Крушево, додека траеше востаничката власт, не се сторија никакви кавги, кражби, или други нереди. Тоа се должи на многу добрата организација на градската милиција која деноноќно шеташе низ градот, а и од казните предвидени за такви дела. прекршоците се казнуваа со смрт, согласно со Уставот на Организацијата.“ Востаничката влада ги покрила сите потреби на населението – за реквизиција, за храна, но и за целосна логистичка поддршка на востаничките единици. Околу 1 200 востаници биле во околината на Крушево бранејќи ја слободата – вели Кочо Топузоски, писателод Крушево.

Тој вели дека нема многу податоци за тогашните министри, но дека претседавачот на собранието Теохар Нешков, член на Владата, министер за финансии, бил жив изгорен во куќата на неговиот сват Таху. Дел од министрите биле осудени, па потоа со амнестијата од 1904 година биле ослободени.

Откриен подземен тунел од пред 150-тина години

При изградба на куќа во Крушево бил откриен подземен тунел од пред 150-тина години. Крушевчанката Домника Ѓорческа се присети на настанот.

– Му рекоа на мајсторот да види до каде може да се движи во тунелот. Соѕидан бил со свод. Морал поднаведнато да се движи. Поминал дел од тунелот и донесе сандак со муниција и еден пиштол. Тунелот беше прекинат со изградбата на уличната шахта – вели Домника.

Тунелот бил под денешната крушевска улица Томе Никле. Тоа е улица на револуционери, тука живееле членови на крушевската влада.

– Станува збор за тунел кој почнувал од куќата на Томе Никлев, тој е првиот началник на Крушевската револуционерна околија, член на Горскиот штаб и многу авторитетен крушевчанец. Тоа било смислено изграден тунел како тактичка варијанта која тогашните раководители на Организацијата ја користеле за извлекување во критични и кризни ситуации. Нема прецизни податоци колку бил широк или висок. Само дека бил изграден од камен во форма на свод. При изградба на улицата, откриена е една мала сала во тунелот со една масичка на која имало „чекмеже“ полно муниција и неколку револвери. Има податоци дека тунелот продолжувал до црквата „Света Богородица“. Тунелите биле практика на македонските револуционери од средината на 19 и почетокот на 20 век, во околината на Крушево и во други реони на Македонија. Еден тунел се споменува во околината на крушевското село Горно Дивјаци низ кој дел од крушевска чета успеала да се извлече и да се спаси. Друг таков тунел, по Востанието, се споменува во селото Вардино, Демирхисарско, а тогаш припаѓало на крушевската околија – објасни Богески.

Елизабета Митреска, МИА

Поврзани содржини