МАПАТА ШТО ГО РАЗБЕСНИ ПУТИН Приказната за Букурешкиот самит и двете Европи

На истиот самит во Букурешт во 2008 година каде Македонија доби вето од Грција, Украина го доби зеленото светло да биде кандидат за членка, што ја прели чашата. Оттогаш Путин трупа војници од својата страна на украинската граница, а од НАТО во Женева ќе побара да се создадат две Европи: една про-западна и една про-руска.

4,214

Поминаа повеќе од 13 години од самитот на НАТО во Букурешт, на кој беше договорено поранешните советски држави Украина и Грузија да станат членки на Алијансата. Да, оној кога Македонија доби вето од Грција. Тоа беше и последниот самит на кој учествуваше рускиот претседател Владимир Путин, бидејќи оттогаш НАТО и те како ја опкружи Русија со своите војски од сите страни, пишува Нова.

Еве како се ширеше НАТО на Исток. Во мапата Македонија е со темновиолетова боја, но можеби не е последната земја што ќе стане членка:






фото: твитер/принтскрин

Што се случи тогаш во Букурешт? Џорџ Буш побара Украина и Грузија да добијат членство во НАТО. Можеби затоа Путин им се обрати на насобраните лидери уште пред да почне средбата, опишувајќи го таквиот потег како „директна закана“ за руската безбедност.

„Имаше бесно пазарење со Меркел и со Никола Саркози, тогашниот француски претседател, а резултатот беше понуда за членство на Украина, но без земјата да има акциски план за членство или цврст датум за влез во НАТО“, вели Џејми Шеј, кој 38 години поминал во НАТО.

Русија бара две Европи, една западна и една источна

„Два нацрт-договори предложени од Русија на 17 декември го опишуваат воспоставувањето на двостепена Европа – првата со право да се брани од рускиот напад и втората која ќе мора да ја прифати руската надмоќ како нова геополитичка реалност“, напиша Орисија Лучевиќ, аналитичарка во Истражувачкиот центар Чатам Хаус.

Но, не се само руските апетити големи. И НАТО станал премногу самоуверен. Џошуа Шифринсон, вонреден професор по меѓународни односи на Универзитетот во Бостон, вели дека САД и Западот „станаа помалку чувствителни на руските грижи по Студената војна“, губејќи го од вид виталниот интерес на Кремљ.

Можеби токму оваа американска игнорантност направи Путин да реди војници.

– За време на зимската криза, Русија собра околу 100.000 војници во северна, источна и јужна Украина, што ги зголеми стравувањата од инвазија и конфликт меѓу сојузниците на НАТО во размери што не се забележани од Втората светска војна – предупреди новиот британски началник во Алијансата, адмиралот Тони Радакин.

Поддршката на НАТО за Украина е премала

Сто илјади руски војници наспроти … кого? НАТО има премалку војска внатре во Украина, за разлика од она што е надвор во Европа. Само околу стотина американски воени тренери се стационирани во Украина и тоа во западниот дел, далеку од линијата на фронтот. Вашингтон обезбеди воена помош од 2,5 милијарди долари, вклучително и противтенковски ракети Javelin, како дел од постепената стратегија за модернизација на силите на Киев.

Дека Путин не се плаши од НАТО-војските внатре во Украина зборува и фактот што Кремљ повеќе го иритираше фактот дека Киев купил шест беспилотни летала „ТБ2“ од Турција. Тогаш се покажа дека леталата биле ефективно употребени во војната меѓу Азербејџан и Ерменија, а Путин му се јави на Ердоган за да му рече дека бил „провокативен“.

Провокативно или не, Украина можеби ќе мора да преживее уште еден конфликт налик на оној во 2014 година. Близу 14.000 луѓе ги загубија животите кога Русија го окупираше Крим што доведе до тоа про-руските сепаратисти до ден денешен да го држат источниот регион Донбас и да купуваат руски пасоши кои Путин тајно им ги дели зад границата.

Поврзани содржини