ШТО ДОБИВА МАКЕДОНИЈА ВО „ОТВОРЕН БАЛКАН“? Затворена Европа во мало, трговија на големо
Погрешна е перцепцијата дека „Отворен Балкан“ е алтернатива за ЕУ, обид за воспоставување на српска хегемонија или пак обнова на некогашна Југославија. Главна цел на „Отворен Балкан“ е создавање и подобрување на економијата и економските односи меѓу земјите од овој регион, без долги царински процедури и царини и со 100 отсто слободна трговија, напиша вчера на Фејсбук професорот Јове Кекеновски.
Голема Македонија, Голема Србија и Голема Албанија би можеле да станат работа од минатото и да бидат заменети со мини шенген-зона наречена „Отворен Балкан“ која ќе биде брза лента за економски да живне регионот, а замена или можеби утешна награда за засега „затворените порти на Европа“. Вака накратко се зборува за царинското, административно и економско олеснување кое овие три балкански земји наголемо го спремаат, а кое вчера со запалено српско знаме го дочекаа демонстрантите во Тирана и други домашни скептици.
Но, што точно добива Македонија од петте договори кои ги потпишаа трите челници на државите и еден наш премиер во најава вчера во градот Елбасан? Дали 175 српски фирми кои уште на 29 јули годинава дојдоа во Скопје заинтересирани за „Отворен Балкан“ навистина можат да ги завртат запчаниците, да отворат нови работни места кај нас, или тоа ќе биде оној „српски свет“, термин кој често му го земаат за зло на српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин во неговите интервјуа?
„Погрешна е перцепцијата дека „Отворен Балкан“ е алтернатива за ЕУ, обид за воспоставување на српска хегемонија или пак обнова на некогашна Југославија. Главна цел на „Отворен Балкан“ е создавање и подобрување на економијата и економските односи меѓу земјите од овој регион, без долги царински процедури и царини и со 100 отсто слободна трговија“, напиша вчера на Фејсбук професорот Јове Кекеновски.
Постот на Кекеновски наречен „Наспроти Сали Бериша“ беше одговор на тешките обвинувања на поранешниот албански премиер, а сега политичар на црниот список на САД, дека „Отворен Балкан“ е „српска хегемонија“ насочена против Албанците. На крајот на краиштата, во истата иницијатива ќе учествуваат 79 фирми од Македонија и 28 од Албанија, барем толку дојдоа на средбата во јули.
Што лошо или скандалозно може да има во заедничките работни дозволи, лиценци и фондови од 1 јануари догодина? Зарем не го направија истото ова, а многу порано, земјите на Вишеградската група во 1991? Сите од нив денес се членки на Европската Унија.
Што точно беше вчера потпишано?
Во иницијативата која е „процес од кој нема враќање“ како што вчера ја нарече Зоран Заев, премиерот во заминување, вчера беше потпишано заемното признавање на земјоделските производи. После сè, Балканот е земјоделски регион и скоро четвртина, односно 24 отсто од вкупниот промет е со земјоделски производи. Во Македонија земјоделството учествува со 12 отсто од БДП, за разлика до европските земји кај што процентот е до 2 отсто, истакна Заев.
Освен тоа, вчера беше потпишано и признавање на деловните субјекти, работните дозволи, поврзување на нашите системи за електронска идентификација, соработка во ветеринарството и во безбедноста на храната и на животните, а можеби најдиректни мерки за олеснување на џебот се намалувањето на патарините и попусти во хотелите во туристичките места. Ако се има на ум дека овие нешта ќе треба да бидат ратификувани во парламентите, за дел до нив сигурно ќе почекаме.
– Па да прашам дали ова не е најдиректна придобивка за сите вклучени во иницијативата – изјави вчера српскиот претседател Александар Вучиќ за попустите во хотелите на кои се надеваат многу луѓе кои на море одат во Албанија.
Има по нешто и за љубителите на културата. Заеднички филмски фонд меѓу трите земји ќе треба културно да ги воздигне нашите народи.

Македонските фирми едвај го чекаат „Отворен Балкан“
Над 4.000 српски фирми работат со Македонија, а 1.004 работат со Албанија, објасни за медиумите Вучиќ на средбата „мини-шенген“ во јули, кога уште не беше смислено името „Отворен Балкан“. Но, за иницијативата еднакво се загреани и нашите бизнисмени.
Истражување на невладината организација „Аналитика“ покажало дека 92 отсто од нашите претприемачи сметаат дека иницијативата ќе го олесни движењето на капиталот, а 96,4 отсто сметаат дека ќе им се отворат нови можности за нивната компанија. Во анкетата многу од фирмите се жалеле на чекањето на границите и процедурите за документи. Две третини од нив, или 63,3 отсто сметале дека „можностите за трговска размена во регионот ќе бидат исти како меѓу земјите членки на ЕУ“.
Оставка, две полициски акции и еден паднат од бандера
Чудна констелација на неколку настани ја испрати вчерашната средба за „Отворен Балкан“. Во време кога нашиот премиер Заев реши ова да биде последниот чин пред неговата оставка, во Македонија осамна голема полициска акција во озлогласеното Диво Насеље во Куманово во која беа уапсени полицајци и цариници во синџир за дрога. Истовремено, со голема полициска акција на Косово во местото Штрпце, во кое претежно живеат Срби, поради наводно градење дивоградби косовскиот премиер Албин Курти им порача на трите земји, но и на Оливер Вархеји од ЕУ дека ја одби поканата да учествува во нивната „унија“.
Полициските сили не мируваа ни во Тирана, кај што државата побрза да ги гони оние кои ги палеа српското знаме, а 600 полицајци го обезбедуваа главниот град. Дали ова „разработување“ на терен беше еден позитивен ефект од „Отворен Балкан“? Коментирајќи го палењето во Тирана, албанскиот премиер Еди Рама возврати дека кога претходно бил во Белград градот бил полн со албански знамиња, а дека „хулиганите кои ги палеле знамињата ги уапсила полицијата“.
Па, ако ништо друго, човекот што проба да го симне српското знаме, падна од бандера. Чекај, а што ако ова поврзување уште подобро ги поврзе криминалните синџири?
– Има опасност и за зголемено движење на безбедносно интересни лица, на терористи, на криминалци, но тие и досега безбедно се движат, добиваат пасоши од легални институции, или фалсификувани итн. Значи, тој криминал и натаму ќе постои, мора да се организираме и да се бориме, но заради претпоставки дека криминалците исто така полесно ќе се движат не можеме да го блокираме демократскиот и економскиот развој на балканските држави – вели Павле Трајанов од Демократскиот сојуз за Радио Слободна Европа.
Срцепарателните изјави на Рама, Вучиќ и на Заев
На слично позитивно мнение се многу од македонските интелектуалци. Можеби на тоа влијаат и емотивните изјави на Рама, Вучиќ и на Заев со кои тие сакаат да влеат надеж дека „Отворен Балкан“ ќе биде навистина отворен. Дури и кога владите ќе се сменат, дури и ако некој иден Бериша победи во Албанија, дури и со нашиот Ковачевски.
Всушност, Ковачевки и Вучиќ имале прилично добра средба според српскиот претседател.
– Јас со наследникот на Зоран Заев, Димитар Ковачевски, разговарав и тој ми посочи пример за еден негов роднина, која работел за германска фирма во Краљево, каде ние моравме секој месец да му издаваме пет разни дозволи, да го малтретираме човекот … Повеќе тоа нема да биде – изјави Вучиќ додавајќи дека Србија ќе биде „втор дом“ за граѓаните на Македонија и на Албанија.