ОТКРИЕН ГЕНОТ КОЈ НЀ ПРАВИ РАНЛИВИ НА КОРОНА Го имаат 15 отсто од Eвропејците и 60 отсто од јужноазијците

„Генетскиот фактор што го откривме објаснува зошто некои луѓе многу сериозно се разболуваат по инфекцијата со коронавирусот. Тоа покажува дека начинот на кој белите дробови реагираат на инфекцијата е клучен“, вели професорот Дејвис.

2,871

Генетиката е битна кога станува збор за нашето справување со коронавирусот, а научниците конечно успеаја да го идентификуваат генот кој нè прави ранливи на оваа болест. Го носи името LZTFL1 и ги спречува клетките во респираторниот систем правилно да се борат со САРС-КоВ-2 што доведува до смрт, пишува ИФЛ Наука.

Авторите откриле дека шест од десет луѓе со јужноазиско потекло го носат овој ген, во споредба со 15 отсто од белите Европејци и два отсто од луѓето со афро-карипско потекло. Генетскиот фактор може да објасни некои разлики во здравствените резултати меѓу различните етнички групи, но не сите. На пример, црнците во Велика Британија имаат четири пати поголема веројатност да умрат од ковид-19 отколку нивните сограѓани белци.






Новата студија, објавена во „Nature Genetics“, се надоврзува на претходно истражување во кое биле идентификувани ДНК-регионите на хромозомот 3 кој го удвојува ризикот возрасните под 65 години да умрат од ковид-19.

– Генетскиот фактор што го откривме објаснува зошто некои луѓе многу сериозно се разболуваат по инфекцијата со коронавирусот. Тоа покажува дека начинот на кој белите дробови реагираат на инфекцијата е клучен. Ова е важно бидејќи повеќето третмани се фокусирани на промена на начинот на кој имунолошкиот систем реагира на вирусот – изјави професорот Џејмс Дејвис, ко-автор на студијата.

А освен гените, според него, битно е и во какво општество живеат луѓето.

– Социоекономските фактори, исто така, веројатно ќе бидат важни во објаснувањето зошто некои заедници се особено лошо погодени од пандемијата – додаде професорот Дејвис.

Иако факторот на ризик е загрижувачки, тимот наведува колку е важна вакцинацијата за да се заштитиме себеси и остатокот од општеството од вирусот.

– Иако не можеме да ја промениме нашата генетика, нашите резултати покажуваат дека луѓето со овие гени веројатно ќе имаат голема корист од вакцинацијата. Тоа е затоа што генетскиот сигнал влијае на белите дробови наместо на имунолошкиот систем, а ова значи дека зголемениот ризик би требало да исчезне со вакцината – заклучува професорот Дејвис.

Поврзани содржини