33 РЕЦЕНЗИИ НА КНИГИ ОБЈАВЕНИ ГОДИНАВА НА ПЛУСИНФО Сепак, се чита!
Ова е еден мал придонес на порталот Плусинфо да ја доближи убавата литература до публиката и да ги награди љубителите на пишаниот збор со најпосакуваниот подарок – книга.
Триесет и три рецензии на книги од домашни и од странски автори се објавени годинава на порталот Плусинфо. Доделени се речиси исто толку книги како награди за читателите.
Рецензиите наидоа на позитивен прием кај публиката и кај издавачите. Интерес за читање, навистина има! Ова е еден мал придонес на порталот Плусинфо да ја доближи убавата литература до публиката и да ги награди љубителите на пишаниот збор со најпосакуваниот подарок – книга.
Меѓу книгите за кои пишувавме осврти се тие на нобеловките Олга Токарчук („Терај си го плугот по коските на мртвите“ и „Бизарни раскази“) и Светлана Алексиевич („Војната нема женско лице“, на извонредната руска писателка Људмила Улицкаја („Даниел Штајн, преведувачот“), како и на современите писатели од регионот Игор Штикс („W“), Броња Жакељ („Бело се пере на 90“), Драго Јанчар („И љубовта и војната“), Георги Господинов („Засолниште во времето“), Миодраг Мајиќ („Островот на пеликаните“)…
Го рецензиравме и романот на годината во Македонија „Денот на црвот“ на Симона Јовановска, како и неколку книги на домашни писатели: Лидија Димковска („Кога заминав од Карл Либкнехт“), Калина Малеска („Скопје во високата зона“), Оливера Ќорвезироска („А’бт“), Жарко Кујунџиски („Сфинга на гневот“), Давор Стојановски („Ноќите кога заспивавме во Помпеја“)…
Рецензија заслужи и романот на нашата колешка Драгица Христова „Кога мама заборови дека ме сака“, кој наиде на голем интерес кај читателите и наскоро се очекува негово второ издание.
Благодариме за соработката на Антолог, Или-или и на Литература.мк, како и на нашите верни читатели. Се вели дека луѓето што се здружиле поради тоа што делат заеднички интересирања имаат вечни пријателства. Заедничката љубов кон книгата е таа што ја инспирираше и ја создаде оваа соработка. Се читаме и во 2023 година!