„20 КУРШУМИ ЈА УБИВААТ ДЕМОКРАТИЈАТА“ Две години нерасчистено убиството на грчкиот новинар Карајваз

Со пораката „20 куршуми ја убиваат демократијата“ и фотографија од убиениот новинар Јоргос Карајваз, Здружението на грчките новинари (ЕСИЕА) ја одбележува двегодишнината од убиството на нивниот колега, убиство кое и понатаму останува нерасчистено, јави дописничката на МИА од Атина.

256

Со пораката „20 куршуми ја убиваат демократијата“ и со фотографија од убиениот новинар Јоргос Карајваз, Здружението на грчките новинари (ЕСИЕА) ја одбележува двегодишнината од убиството на нивниот колега, убиство кое и понатаму останува нерасчистено, јави дописничката на МИА од Атина, Сања Ристовска.

Банерите со фотографијата и пораката се поставени на зградата на Здружението во центарот на Атина, со оглед на тоа дека ЕСИЕА оваа 2023 година ја посвети на убиениот новинар.






На 9 април 2021 година, кусо пред 15 часот, по завршувањето на емисијата во која беше соработник Карајваз, непознати лица со мотор го пресретнале и го застрелале пред неговиот дом во јужниот дел на Атина.

Карајваз беше познат и искусен новинар, кој долги години следеше црна хроника и покриваше теми поврзани со полицијата, криминалот, грчката мафија, за истите теми имаше информативен портал, а паралелно работеше во претпладневна информативна емисија на телевизијата „Стар“.

Две години по настанот, не се откриени ниту сторителите, ниту евентуалните нарачатели на убиството, ниту пак причините.

Од Здружението на новинари, преку соопштение, велат дека не постои било каков напредок во расветлувањето на убиството „што е императив, не само во однос на кривичниот дел од случајот, туку и за да се врати чувството на сигурност кај грчките новинари и грчкото општество“.

– Меѓународните организации на новинари, како и Меѓународната федерација и Европската федерација, продолжуваат да упатуваат прашања за текот на случајот, кој се појавува во сите извештаи за слободата на медиумите и владеењето на правото во Грција, како показател за закана за безбедноста на новинарите, пишува во соопштението од ЕСИЕА.

Поврзани содржини