20.000 ЛУЃЕ ОД ЕКС-ЈУГОСЛАВИЈА ПРИСУСТВУВАА НА ПОГРЕБОТ Сашко Гешовски беше првата жртва во распадот на федерацијата

На 7 мај 1991 година, кавадарчани организираа масовен протестен митинг. Илјадници граѓани се собраа на плоштадот, палеа свеќи и изразија револт за трагичната загуба. Телото на Гешовски било пренесено со воен хеликоптер. На погребот присуствуваа над 20.000 луѓе од сите делови на поранешна Југославија. Во Кавадарци беше прогласена тридневна жалост.

1,345

„НЕСРЕЌНО ЗАГИНА НА 6 МАЈ 1991“ — гласи натписот на спомен-плочата што стои на зградата на градската управа во Сплит, каде што кавадарчанецот Сашко Гешовски го загуби животот. Тој беше првата жртва од вооружените судири кои го означија почетокот на распадот на СФР Југославија.

Точно 34 години подоцна, од Музеј-галеријата во Кавадарци утринава потсетија на денот кога младиот војник го загуби животот. Гешовски е роден на 31 октомври 1971 година во Кавадарци. Таму ги завршил и основното и средното училиште.






По матурирањето, бил испратен на отслужување на воениот рок во ЈНА, во Сплит, Република Хрватска. На 6 мај 1991 година, додека чувал стража пред зградата на Воено-поморската област, во него пукал маскиран припадник на хрватското МВР. Гешовски бил погоден со четири куршуми и починал на самото место.

Само ден подоцна, на 7 мај, кавадарчани организираа масовен протестен митинг. Илјадници граѓани се собраа на плоштадот, палеа свеќи и изразија револт за трагичната загуба. Телото на Гешовски било пренесено со воен хеликоптер. На погребот присуствуваа над 20.000 луѓе од сите делови на поранешна Југославија. Во Кавадарци беше прогласена тридневна жалост.

Од Музејот потсетуваат дека во конфликтите во 1991 година загинале и други млади луѓе од тиквешкиот регион. Петре Тодоровски, роден истата година како Гешовски, загинал на 26 јули 1991 година во Љубљана – Поље, Словенија, како стражар во касарна на ЈНА. Во септември истата година, животот го загубил и Мишко Митрев, роден во 1954 година во Ваташа. Тој бил подофицер во ЈНА и загинал при одбрана на касарната во Ѓаково.

На зградата каде што беше убиен, во Сплит е поставена спомен-плоча на македонски и хрватски јазик. Таа е вечен спомен на Сашко Гешовски.

Поврзани содржини