ЗАБРАНЕТА ИСТОРИЈА (3) Како Македонците станаа луѓе без корен, чии предци го препливале Дунав со трски во устите

За словенскиот јазик да остави толку длабок, траен и неодминлив отпечаток на самиот југ од Балканот, словенскиот елемент не можел да биде незначителен транзитен дојденец. Тој морал да биде или густо локално мнозинство, или огромен, автохтоно-континентален слој, кој со векови живеел, творел, тргувал или воопшто – се мешал и влијаел врз тој простор. Словенскиот свет на Балканот не е производ на еднократна, тривековна демографска експлозија од далечниот исток. Тој е резултат на вековна органска, културна консолидација и ширење на еден заеднички јазик – lingua franca – кој изникнал на истиот овој простор каде што и денес ги изговараме истите имиња на реките, планините и на селата.