ВО ЧИИ РАЦЕ ЌЕ ЗАВРШАТ КУЛТНИТЕ ХОТЕЛИ „БРИСТОЛ“ И „ЈАДРАН“? Акционерите на „Македонијатурист“ ја одобрија продажбата

На Акционерското собрание од 22 мај „Македонијатурист“ одлучи да ги продаде двата хотела и пообемен друг имот во центарот на Скопје.

55

Хотелите со историско значење „Бристол“ и „Јадран“ (Арапска куќа) одат на продажба, откако Собранието на акционери на „Македонијатурист“ ја потврди одлуката на раководството на компанијата да се ослободи од имотите кои не работат со години и не носат никаков приход за компанијата.

Одлуката е објавена на Макдонска берза, а во неа покрај овие два хотела се наведува дека се продава и друг имот на компанијата во Скопје меѓу кои  и станови како и „Пивница“, која е деловен простор.






Но, акционерите не утврдиле цена на продажба на овие имоти, туку се наведува дека таа не смее да биде пониска од онаа која ќе ја утврди овластен проценител.

Што ќе се случува со двата хотела кои се со значајна архитектура и култни места за скопјани засега не се знае бидејќи допрва Управниот одбор на „Македонијатурист“ ќе треба да ги објави условите за нивната продажба.

Притоа за продажбата на хотелот „Јадран“ треба да се има предвид дека е прогласен за историски споменик на културата во 1989 година. Пред да стане угостителски објект бил познат како Арапска куќа. Објектот е изграден меѓу 1936 и 1938 година, во арапско-маварски стил, и со децении е препознатлив белег на просторот кај скверот Јадран.

Хотелот „Бристол“,пак, не нема никаква државна  заштита, но е еден од најстарите сочувани хотелски објекти во Скопје, поврзан со старата градска меморија и со периодот кога хотелските тераси, кафеаните и центарот на градот ја граделе урбаната култура на Скопје. Објектот бил пуштен во употреба во 1924 година, а со затворени врати ја дочека својата стогодишнина.

Овој хотел беше сведок и на атентатот на првиот македонски претседател Киро Глигоров.

Но, и двата хотела се затворени со години и не ѝ носат некаков профит на „Македонијатурист“ која сака да се ослободи од нив наместо да инвестира во нивно враќање во живот.

Очекувано е со парите од нивната продажба компанијата да инвестира во нешто ново и посовремено, што можеби се наѕира и со одлуката компанијата да кули земјиште во Кисела Вода.

Градежна парцела која компанијата планира да ја купи е во Ново Лисиче и е со големина од 8.081 квадратни метар. За неа се знае дека вреди 17,7 милиони евра и според актуелниот ДУП има маркица за изградба на  деловен простор и станбен простор со вкупно 34.987 м2 бруто изградена површина.

Вредноста на оваа зделка претставува 28,21% од сметководствената вредност на имотот на друштвото.

„Македонијатурист“, според образложението на одлуката, планира на ова земјиште да изгради деловни и станбени единици.

„Согласно извршената анализа од страна на Друштвото, приносот од вложените средства за купување на недвижниот имот и сукцесивните инвестиции во изградба на објектите од кои дел ќе бидат наменети за продажба, а дел за сопствена употреба и наем, ќе биде многу повисок од постоечките инвестиции и ќе се генерира повисок профит во идниот период“, се наведува во образложението.

Поврзани содржини