ТРАМПОВИ ЗАРАБОТУВАЛЕ, ВЛОЖУВАЧИТЕ ВО КРИПТО ГУБЕЛЕ Над милион инвеститори останале со празни џебови
Истражување на Ројтерс проценува дека семејството на претседателот на САД Доналд Трамп заработило најмалку 2,3 милијарди долари од криптопроекти поврзани со неговото име. Во исто време, загубите на инвеститорите се проценуваат на приближно ист износ.
Семејството на претседателот на САД Доналд Трамп заработило најмалку 2,3 милијарди долари од криптовалутни проекти што ги промовирало по изборите во 2024 година, покажува истражување на Ројтерс. Според агенцијата, повеќе од 1 милион инвеститори истовремено забележале нето-загуби од приближно ист износ. Наодите се темелат на анализа на блокчејн записи, корпоративни документи и јавни изјави.
Ројтерс навел дека истражувањето било разгледано од повеќе од 10 експерти за сметководство и криптовалути. Тие ги оцениле проценките како разумни. Агенцијата разговарала и со претставници од криптоиндустријата.
Токени растеле, инвеститорите губеле
Во центарот на истрагата се четири проекти. Тоа се „Ворлд либерти фајненшл“, мем-криптовалутата „$TRUMP“, „Американ биткоин“ и „АИ фајненшл корп“.
Според Ројтерс, моделот бил сличен кај сите проекти. Семејството Трамп вложувало малку или воопшто не вложувало сопствени средства. Потоа ги промовирало проектите преку своето име и политичко влијание. Добивката останувала кај промоторите. Малите инвеститори често останувале со загуби.
Ројтерс го издвојува примерот на 29-годишната Фатима Елргдави од Санта Барбара. Таа во јануари 2025 година вложила 2.000 долари во „$TRUMP“. До крајот на мај вредноста на инвестицијата паднала на помалку од 120 долари.
Најголемиот профит доаѓал од еден проект
Најголема заработка, според истражувањето, донел проектот „Ворлд либерти фајненшл“. Компанијата почнала да продава токени во октомври 2024 година. Меѓу главните промотори биле Ерик Трамп и Доналд Трамп Помладиот.
Ројтерс проценува дека преку договор за лиценцирање на името Трамп, повеќе од 1,6 милијарди долари завршиле кај субјект поврзан со семејството. Загубите на инвеститорите во овој проект се проценуваат на околу 674 милиони долари.
Мем-криптовалутата „$TRUMP“ наводно донела околу 616 милиони долари за семејството Трамп. Истовремено, инвеститорите изгубиле повеќе од 700 милиони долари. Според агенцијата, токенот изгубил 97 % од вредноста во однос на врвот достигнат во јануари 2025 година.
Судир на интереси или легален бизнис?
Осум експерти за владина етика изјавиле за Ројтерс дека ваквото збогатување отвора сериозни прашања за можен судир на интереси. Според нив, станува збор за ситуација без преседан во современата американска историја.
Белата куќа не ги коментирала директно наодите. Портпаролката Ана Кели изјавила дека сите постапки на претседателот и на неговата администрација се преземаат во интерес на американскиот народ.
Од Белата куќа ги отфрлиле оценките за судир на интереси. Порачале дека ниту претседателот ниту неговото семејство не се впуштиле, ниту ќе се впуштат во такви активности.
Поранешниот министер за трговија Вилбур Рос застанал во одбрана на семејството Трамп. Тој изјавил дека политичарите и нивните семејства имаат право да заработуваат, додавајќи дека инвеститорите во шпекулативни средства мора да бидат свесни за ризиците.