ТАЈНО ГЛАСАЊЕ, ЦРНИ ЧАДОВИ И МИЛИОНИ НАПРЕГНАТИ ПОГЛЕДИ КОН ОЏАКОТ Како кардиналите го бираат новиот папа?

Конклава се одржува само кога папското место е испразнето, најчесто по смрт или повлекување на папата. Кардиналите се затвораат зад вратите на Сикстинската капела, па оттаму потекнува зборот „конклава“, што на латински значи „со клуч“. Првично, изолацијата била воведена за да се спречи влијание од римските власти и од моќните семејства, а денес за да се избегне медиумски притисок. За време на процесот, кардиналите немаат пристап до телефони, телевизија, интернет или до други форми на комуникација.