СКОПЈЕ ДОБИВА ПОДЗЕМНА СОБРАЌАЈНИЦА Шест ленти, пешачки патеки и современи кружни текови за побезбеден град
Скопје започнува нова ера во урбаната инфраструктура, подземната сообраќајница на булевар Македонија ќе ги растовари метежите и ќе воведе современи решенија според европските стандарди.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски ја најави денес официјално потпишаната одлука за јавна набавка за изградба на првата фаза од првата подземна сообраќајница во главниот град. Проектот ќе се реализира на потегот од под „Лимак“ до влезот на Кисела Вода.
– По завршувањето на правната постапка, веднаш започнуваме со работа. Ова е проект што претставува вистински пресврт за централното градско подрачје, капитална инвестиција што ќе го растовари сообраќајниот метеж и ќе донесе нова динамика во срцето на градот – истакна градоначалникот во својата објава на Фејсбук.
Со изградбата на подземната сообраќајница, Скопје ќе добие шест ленти, четири за двосмерен автомобилски сообраќај, две наменети за јавен превоз и дополнителни пешачки патеки, кои ќе овозможат побезбеден и побрз проток на возила.
Дополнително, новиот кружен тек кај „Нова Македонија“ и двата кружни тека на потегот кај булевар Кочо Рацин и улица Железничка ќе го подобрат сообраќајното движење и ќе внесат паметни, модерни решенија во согласност со европските стандарди.
– Со пуштањето во употреба на подземната сообраќајница под „Лимак“, Скопје ќе го добие своето прво подземно сообраќајно чудо, нешто што досега не било својствено за нашиот град. Овој проект значи дека центарот ќе се ослободи од гужвите, станувајќи покомфорен, побезбеден и поуреден простор за сите – додава Ѓорѓиевски.
Градоначалникот го нарече проектот симбол на новото време за Скопје и потврди дека преродбата на градот официјално започнува.