РУСИЈА ТРЕБА ДА НАУЧИ ДА ГИ МРАЗИ ЕВРОПСКИТЕ ПОЛИТИЧАРИ Омразата е пат кон љубовта, а Кремљ ќе продолжи посилно да го напаѓа Киев, тврди Медведев
Додека заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, повикува на омраза кон Западот и најавува засилени напади врз Киев, Кремљ преку портпаролот Дмитријх Песков испраќа понеутрален тон, истакнувајќи дека Путин е подготвен за мирно решение, но само доколку Москва ги оствари своите цели.
Политиката на Русија треба да биде насочена кон максимално дистанцирање од Европската Унија, изјави заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, коментирајќи го усвојувањето на 18-от пакет санкции на ЕУ против Русија.
„Треба да инсистираме на максимално дистанцирање од Европската Унија и од најконтроверзните земји од ЕУ. На овие земји сега можат да им се придружат не само Полска и Обединетото Кралство, туку и Германија и Франција, чиишто лидери ги прогонува славата на Третиот рајх и режимот на Виши, а како тоа ќе заврши за Европа е непознато“, напиша Медведев на својот канал на Телеграм.
Според него, Русија мора да се сеќава на „одвратната русофобија на европските политичари што е можно подолго, како и да научи да ги мрази, бидејќи руската економија ќе издржи, а нападите врз режимот во Киев ќе продолжат“.
„Мораме да се сеќаваме на нивната подла русофобија што е можно подолго и да научиме да ги мразиме во иста мера како што ги мразеле нашите предци. Омразата е најважното оружје што овозможува најефикасно движење кон нејзината спротивност – љубовта. Секако, кога станува збор за оние кои ја заслужуваат“, додаде Медведев.
Според Медведев, Русија ќе извршува напади врз објекти на територијата на Украина, вклучувајќи го и Киев, со уште поголем интензитет.
„Нападите врз објекти на таканаречената Украина, вклучувајќи го и Киев, ќе бидат извршени со уште поголем интензитет“, заклучи Медведев, нагласувајќи дека усвојувањето на 18-от пакет санкции на ЕУ нема да има влијание врз падот на режимот во Киев.
Путин е спремен за мирно решение со Украина, но прво Русија да ги постигне своите цели
За разлика од остриот тон на Медведев, Кремљ преку портпаролот Дмитриј Песков испрати помирољубива порака, нагласувајќи дека Владимир Путин е отворен за мировно решение, но само доколку Москва ги постигне своите цели.
Песков рече дека светот се навикнал на понекогаш „острата“ реторика на Доналд Трамп, но истакна дека американскиот претседател, исто така, во своите коментари за Русија нагласил дека ќе продолжи да бара мировен договор.
– Претседателот Путин постојано зборуваше за својата желба што поскоро да го доведе решавањето на украинското прашање до мирен крај. Ова е долг процес, бара напор и не е лесен. Главната работа за нас е да ги постигнеме нашите цели. Нашите цели се јасни – рече Песков.
Трамп објави построг став кон Русија претходно оваа недела, ветувајќи нов бран воена помош за Украина, вклучувајќи ги и системите за ракетна одбрана „Патриот“. Американскиот претседател, исто така, ѝ даде на Русија 50 дена да се согласи на прекин на огнот или да се соочи со дополнителни санкции.