ПРОЕКТОТ ЗА ГРАДСКИ ВОЗ ВЕЌЕ СЕ РЕАЛИЗИРА Скопје ќе добие нови електрични автобуси и „трамвај без шини“, најави Николоски

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски најави дека решението за сообраќајниот хаос во Скопје е во комбинирање на трите големи проекти, Градски воз, електрични автобуси и БРТ-системот.

800

Транспортниот хаос во Скопје, според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, може да се реши само со паралелна реализација на три клучни проекти – Градскиот воз, новите електрични автобуси и системот за брз автобуски превоз (БРТ).

– За да го решиме транспортот, треба да се направат трите работи паралелно. Едно е возобновувањето на возниот парк на ЈСП со електрични автобуси, второто е поврзувањето на приградските населби со центарот преку Градски воз, а третото е економичен урбан транспорт, трамвај без шини – изјави Николоски во гостување на Топ Тема.






Тој објасни дека трите системи мора да бидат меѓусебно поврзани за да функционираат како единствено решение.

– Ако функционира само еден од нив, ќе го имаме истото што го имаме денес – додаде Николоски.

Министерот нагласи дека Градскиот воз веќе се реализира со засилена динамика, а првата линија ја поврзува трасата од Зелениково преку Драчево до Новата железничка станица.

– Овој проект е преголем и премногу значаен за Скопје за да се користи во кампања. Затоа промоцијата ја направивме по изборите. Првата линија е долга 25 километри и ги поврзува Зелениково, Драчево, Лисиче, Кисела Вода, Аеродром и Новата железничка станица – истакна Николоски.

Тој додаде дека втората линија ќе почне напролет, од Миладиновце преку Илинден и Маџари до Нова железничка, а третата линија ќе се протега од Нова железничка преку Скопје Север и Ѓорче Петров до Волково и Радуша.

– Во моментов ги менуваме дрвените прагови кај Драчево кои се поставени пред повеќе од 60 години, односно меѓу 1963 и 1969 година. Тоа покажува колку оваа инфраструктура била запуштена – рече Николоски.

Николоски најави и изградба на бајпас околу Скопје, со кој дизел локомотивите и товарните возови повеќе нема да влегуваат во градот, со што ќе се намали загадувањето.

– Ќе се набават и нови возови, а постапката ќе започне две години пред завршувањето на брзата пруга – додаде вицепремиерот.

Поврзани содржини