ПЛАНОТ БИЛ ДА СЕ ИСПРАТАТ ДРОНОВИ ВО СРЦЕТО НА ПЈОНГЈАНГ Шокантно признание, Северна и Јужна Кореја биле на раб на војна

Се верува дека со испраќање беспилотни летала во срцето на Северна Кореја и фрлање летоци со кои се критикува Ким Јонг Ун, целта била да се предизвика воен одговор од Северот, изјави пензионираниот генерал Ким Бјунг-џу, сега пратеник на Демократската партија.

192

Поранешниот претседател на Јужна Кореја, Јун Сук Јеол, наводно осмислил таен план за испраќање беспилотни летала во срцето на Пјонгјанг со цел да предизвика воен одговор од Северна Кореја. Целта, според обвинителите, била да се оправда прогласување вонредна состојба и преземање контрола врз државата, јави Си-Ен-Ен.

Меморандуми пронајдени на телефонот на висок функционер за одбрана содржат детали за операција која требала да создаде „нестабилна ситуација“ на Корејскиот Полуостров. Во документите се наведува дека акцијата требала да ги насочи беспилотните летала кон резиденциите на Ким Јонг Ун во Самџијон и Вонсан.






Обвинителите објавиле дека доказите ги потврдуваат севернокорејските обвинувања за повреда на воздушниот простор во октомври 2024 година. Тие веруваат дека Јун и двајца високи воени претставници подготвувале провокација што би предизвикала вооружен одговор од Пјонгјанг.

– Се верува дека со испраќање беспилотни летала во срцето на Северна Кореја и фрлање летоци со кои се критикува Ким Јонг Ун, целта била да се предизвика воен одговор од Северот – изјави пензионираниот генерал Ким Бјунг-џу, сега пратеник на Демократската партија.

Тој вели „беше како да им се држи нож на грло“.

Во белешките од 18 октомври минатата година пишува:

„Мора да создадеме нестабилна ситуација или да ја искористиме можноста што е создадена“. Друга белешка споменува „насочување кон место каде што Северна Кореја го губи угледот до тој степен што нема друг избор освен да одговори“.

Во запис од 5 ноември се додава: „Непријателската акција мора да дојде на прво место. Мора да има воена ситуација“.

Адвокатот на Јун, Ју Џонг-хва, го нарекол обвинението „еднострано гонење“ и „апсурдно“. Портпаролката на обвинителството, Парк Џи-јанг, изјавила дека истражителите се „згрозени“ од откритието.

Аналитичарите предупредуваат дека ваквите летови би можеле да бидат протолкувани како чин на војна и да доведат до директен судир меѓу двете Кореи. Професорот Леиф-Ерик Изли од Универзитетот Евха во Сеул нагласил дека ваквите потези „претставуваат опасна интеракција меѓу домашната и безбедносната политика“.

Според Виктор Ча од Центарот за стратешки и меѓународни студии, акцијата би го прекршила договорот за прекин на огнот, потсетувајќи дека „во демократија, како Јужна Кореја, за вакви потези се сноси политичка одговорност“.

Поврзани содржини