НОВ КРУЖЕН ТЕК КАЈ НАРОДНА БАНКА И ДВЕ КАТНИ ГРАЖИ ВО КЛИНИЧКИ Советот на Град Скопје го дополни буџетот со 166 милиони денари
Со ребалансот на буџетот на Град Скопје се обезбедени дополнителни 166 милиони денари за нов кружен тек кај Народната банка, две катни гаражи во Клинички центар и инвестиции во училиштата.
Советот на Град Скопје го усвои ребалансот на градскиот буџет со кој се обезбедуваат дополнителни 166 милиони денари за нови капитални инвестиции, меѓу кои изградба на кружен тек кај Народна банка на Република Северна Македонија и две монтажни катни гаражи во рамки на Клинички центар „Мајка Тереза“.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека средствата се обезбедени без нови задолжувања и дека ќе бидат вложени во проекти кои директно треба да го подобрат секојдневието на граѓаните.
– Денес на седницата на Советот на Град Скопје беше усвоен ребалансот на буџетот со кој средствата се зголемуваат за дополнителни 166 милиони денари. Тоа се средства што директно ги враќаме кај граѓаните преку нови капитални инвестиции за нашиот град – изјави Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека зголемувањето на буџетот не е резултат на нови задолжувања.
– Ова е пример како со домаќинско и одговорно работење, со дисциплина и посветеност, се создава простор за повеќе инвестиции и повеќе проекти кои директно го подобруваат животот на скопјани – рече градоначалникот.
Еден од клучните проекти е изградбата на нов кружен тек кај Народната банка, што треба да го олесни сообраќајот на едно од најоптоварените крстосници во градот.
– Со овој ребаланс започнуваме со изградба на нов кружен тек кај Народната банка, ново сообраќајно решение кое ќе донесе ред и проточност на едно од најоптоварените сообраќајни места во градот и ќе го намали секојдневниот метеж – истакна Ѓорѓиевски.
Паралелно со ова, ќе започне и изградбата на две монтажни катни гаражи во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Според најавите, гаражите ќе имаат капацитет од околу 500 паркинг места, а инвестицијата е проценета на околу три милиони евра.
– Конечно ставаме крај на долгогодишниот проблем со паркирањето во клиничкиот комплекс кој со години создаваше нервоза и неизвесност за пациентите и нивните семејства – изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека гаражите ќе бидат во надлежност на Град Скопје.
– Особено е важно што Град Скопје ќе биде институцијата која ќе ги проектира, ќе ги изведува и ќе управува со овие гаражи. Тоа значи дека граѓаните ќе бидат заштитени од дополнителни поскапувања на цените за паркинг – нагласи градоначалникот.
Со ребалансот на буџетот се предвидуваат инвестиции и во образованието. Во училиштата под надлежност на Град Скопје ќе се воведат топлотни пумпи, со што ќе се укине греењето на нафта.
– Инвестираме во топлотни пумпи со што повеќе нема да има училиште во рамки на Град Скопје кое ќе се грее на нафта. Тоа е голем чекор напред кон почист воздух и поздрава животна средина за нашите деца – рече Ѓорѓиевски.
Дополнително се предвидува поставување фотоволтаици, санација на училишни дворови и поставување нова урбана опрема.
– Кај мене зборот е збор. Нема импровизации и празни ветувања. Има работа, и само работа – порача градоначалникот.