Може ли градот да плаче?

946

Може, ако го ранат.

Белград го ранија тие кои не го сакаат доволно. Можеби дури и го мразат.

Тие го ранија во лицето, му го оштетија неговиот профил што тој најмногу го нудеше на сликарите, без разлика дали го цртаа на пергамент или го врежуваа на бакарни плочи. Од сега па натаму тој профил на Белград ќе биде скриен од неговите граѓани и од тие кои го посетуваат – со високи бетонски чудовишта – ќе биде заѕидан.

Тој се држеше со векови, одолеваше на илјадници бомби и топовски ѓулиња за денес да се здобие со рана од која никогаш нема да се опорави.

Потребата да го напишам овој овој текст настана веднаш по интервјуто со градскиот архитект во „Политика“ во рубриката „Белградска хроника“ од петти јануари оваа година, пишува архитектот Драгољуб Бакиќ на сајтот Академија архитектуре Србије.

Мојата првобитна идеја беше да се обидам да одговорам на истите прашања бидејќи новинарката од соговорникот доби произволни, неаргументирани одговори, импровизирани ставови и замена на тези.

И тогаш сфатив дека е бесмислено да полемизирам, особено што прашањата беа многу сериозни, професионални и соодветни во кои веќе беа содржани и дадени вистинските одговори. Затоа ќе се обидам да ги осветлам истите теми од другата страна и да објаснам зошто граѓаните на Белград се тажни и зошто нивниот град плаче, појаснува архитектот.

Постојат стари градови во Европа низ кои течат големи реки. Таква е Прага, таква е Будимпешта, Варшава, Дрезден, а таков е и Белград. Најубавите разгледници од овие градови секогаш се фотографии сликани од реката од каде целосно се согледува урбаниот профил на градот и токму таквата слика останува најмногу во сеќавањата на луѓето.

Белград, како еден од најстарите континуирано населени градови во Европа, со векови го формира тој свој препознатлив урбан профил кој се движи од светликавата вода на сливот на Сава во Дунав, па преку Мештровиќ и Белградската тврдина се спушта на златната кула на Соборниот храм па преку Теразискиот гребен се лизга во висина за да заврши на платото на Врачар со белиот кубус на црквата Свети Сава.

Бевме спокојни бидејќи мислевме дека оваа преубава слика, ова најголемо богатство што го има Белград, оваа цивилизациска вредност ја чуваат десетици меѓународни повелби, конвенции и резолуции кои државата Србија ги потпишала и ратификувала. Особено „Европската конвенција за урбан предел“ на Советот на Европа усвоена во 2000 година во Фиренца, ратификувана од Србија во 2011 и Декларацијата која во име на Обединетите нации ја донесе УНЕСКО во Виена во 2005, која дава препораки како се чува, грижи и управува со „историските урбани пејсажи“ на старите градови. За жал, ниту овие меѓународни обврзувачки документи не го спасија Белград.

Во првите денови од 2014, почнува една прилично бизарна приказна која сѐ уште трае.

Право од далечната Арапска пустина пристига еден градежен изведувачот, тврдејќи дека бисагите му се полни со пари, милијарди долари.

Со себе носи една монструм макета на која е претставено како во иднина треба да изгледа највредниот дел од Белград – неговиот Савски амфитеатар на десниот брег на реката Сава. Тој дел Белград го чува од крајот на Втората светска војна преку сите досегашни генерални урбанистички планови, го чува како општо добро што им припаѓа на сите граѓани. И кога тука имаше ѓубре, стаорци, останки од бродови, змии, акрепи и вештерки – и тогаш тоа беше сопственост на граѓаните на Белград. Кога градските власти го исчистија тоа ѓубре, стаорците, останките од бродови, змиите, акрепите и вештерките, што и беше една од нивните обврски, и понатаму тоа земјиште остана во сопственост на граѓаните на Белград и тие кои го исчистија немаа право да го украдат од граѓаните, и на тој начин драстично да го загрозат јавниот интерес.

Ги променија законите, обезбедија lex specialis и ова скапоцено земјиште од 100 хектари го дадоа бесплатно под закуп на 100 години на еден приватник од Арапските Емирати. Притоа со меѓународна спогодба му дадоа на странскиот партнер, без претходно донесен мастер план за целиот комплекс, во текот на следните 30 години тука да може да гради што сака, каде што сака и кога сака според принципот – изгради куќа, продади куќа, од тоа гради следна куќа, што значи дека тука нема милијарди долари кои беа главната мантра за манипулирање со граѓаните од цела Србија.

Така денес пред очите на сите граѓани во амфитеатарот, Савскиот амфитеатар, бахато, неуко и без учество на граѓаните на Белград и без учество на домашната струка гради, како што вели власта, „компактен град, густ и висок“ на геолошки најпроблематичниот терен, долж самата река, речиси на нејзиниот изграден брег, во калта длабока 20 метри – за да го усреќат Белград со 2.000.000 квадратни метри на луксузни апартмани и луксузни канцелариски простори што на никој не му е потребен и кој во тој обем Белград не е во можност да го прифати со својата со години запоставена инфраструктура.

Градските власти досега не излегоа во јавноста со бројка колку ќе чини донесувањето во ред на оваа основна примарна инфраструктура што ја презеде како договорна обврска со арапскиот партнер и што ќе покаже дека инвестирањето на Србија далеку ги надминува инвестициите на странскиот партнер, со што тешко се објаснува договорениот однос на сопственост, одлучување и делење на профитот во заедничката работа од 68:32 во корист на странецот.

И на крајот – Белград не плаче само од раните што му ги нанесуваат на бреговите на реката Сава, туку плаче што 70 години се зборува за метро, а него го нема, што за 25 години не доби заобиколница, што за 40 години нема завршена канализација, што улиците сѐ уште ги полева со вода за пиење, што секоја петта куќа што сега се гради е дива, без дозвола, и што такви во него има – 350.000, што е најсрамно, а од државата непопречувано, па дури и легализирано.

Белград плаче затоа што неговата управа за тоа време прави шарени лаги и си игра со сечење црвени ленти на бесмислени музички фонтани, јарболи, гондоли, светкави украси, поплочени паркови и пешачки зони и сето тоа со помош на армија странски архитекти. Нашиот Белград денес е една голема тага.

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...