МАКЕДОНИЈА СЕ ПРЕТВОРА ВО ТРАНЗИТНА ЗЕМЈА ЗА ГАС И ВО ИЗВОЗНИК НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА Во најава инвестиции во гасоводи и во соларни капацитети

Владејачката партија ги посочува инфраструктурните проекти во енергетиката како значаен напредок, при што како пример го наведува пуштањето во употреба на нов трансформатор во трафостаницата „Битола 2“, со кој се зголемува сигурноста на електроснабдувањето во 5 градови. Дополнително, вложувањата во обновливи извори продолжуваат преку проширување на ветерниот парк Богданци и преку изградба на две нови соларни електрани, поддржани со грант од Европската Унија. Овие чекори, според партијата, ќе ја намалат зависноста од увоз и ќе придонесат за енергетска стабилност.

246

„По 7 години нестручно и недомаќинско владеење на СДСM и на ДУИ со енергетскиот сектор што резултира со загуби, повисоки сметки за струја и со греење како и колапс на електроенергетската инфраструктура, доаѓа крај на хаосот и почеток на стабилност и развој“.

Ова се наведува во соопштението на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.






„Поради консолидација на енергетскиот хаос во минатото и поради лошото менаџирање на енергетските капацитети во државата од страна на СДСМ и на ДУИ, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е фокусирана кон инвестирање во зелена енергија, зачувување на животната средина, справување со предизвиците од фосилните горива и постепен премин кон обновливи извори на енергија. Македонија успеа да внесе 2 клучни гасни проекти, поддржани од Европската комисија, кои се важни регионални проекти за Гасификација“, се додава во соопштението

Започна изградбата на гасоводниот интерконектор со Грција. Се градат 66,6 километри гасовод на македонска страна. Почетниот капацитет на гас е 1,5 милијарди кубни метри со потенцијал да се зголеми на 3 милијарди кубни метри. Вредноста на проектот е 60 милиони евра. Како и проект за интерконекција со Србија, велат од партијата.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи и на модернизација на електоренергетската инфраструктура, велат од владејачката партија.

„Пуштен е во работа новиот 400/110 kv трансформатор во ТС Битола 2 кој ќе го намали притисокот врз преносната мрежа и ќе ја зајакне сигурноста на снабдувањето во градовите Струга, Охрид, Ресен, Битола и Прилеп, обезбедувајќи стабилна електрична енергија за време на зголемената потрошувачка во зимските месеци. Главен фокус се и обновливите извори на енергија. Втората фаза од ветерен парк Богданци со дополнителни 4 ветерни турбини, секоја со капацитет од 3,4 MW. Ова проширување значително ќе ја намали зависноста од увоз на електрична енергија. Кон крајот на минатата година се потпиша договор меѓу Европската банка за обнова и развој и ЕСМ за грант од ЕУ за изградба на 2 нови фотонапонски електрани – ‘Битола 1’ со инсталирана моќност од 20 мегавати и ‘Осломеј 2’ со моќност од 10 мегавати“, се вели во соопштението.

Целта е – преку обновливи извори на енергија, ветерници, изградба на таканаречени когенеративни постројки, постројки на гас коишто ќе произведуваат и електрична и топлинска енергија, биоенергија, соларна енергија, хидроенергија – Македонија од земја увозник наскоро да биде земја извозник на енергија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Владата на ВМРО-ДПМНЕ има јасна визија за иднината и конкретен повеќегодишен план во енергетскиот сектор, насочен кон зголемување на енергетската ефикасност, стратешки инвестиции во домашното производство на енергија со цел енергетски стабилна и независна држава и значајна енергетска крстосница во регионот и Европа. Ги градиме темелите на промените. Доаѓа времето на Македонија“, се заклучува во соопштението на владејачката партија.

Поврзани содржини