🎥 MAЛЕНКО ТВРДИ ДЕКА ГРУЕВСКИ ИЗБЕГАЛ ОД НЕГОВИОТ ХОТЕЛ, НИКОЛА ВЕЛИ ДЕКА ОХРИЃАНЕЦОТ ЛАЖЕ Што се случувало во „Ројал Вју“ на 10 ноември 2018 година?

Според Маленко, Груевски во Охрид пристигнал три дена претходно - на 7 ноември 2018 година, навечер, со две возила, едно возило на МВР од Шестата управа - обезбедување и следење, и неговото приватно возило со шофер и обезбедување.

1,346

Поранешниот премиер Никола Груевски не избегал за Унгарија од дома, туку од Охрид, поточно од хотелот „Ројал вју“ лоциран на самиот брег на Охридското Езеро, во 02.40 часот по полноќ, на 10 ноември 2018 година.

Ова во емисијата ,,На кавга со Иван” го тврди поранешниот македонски спортист Александар Маленко, кој тврди дека го пречекал Груевски во хотелот на неговата поранешна сопруга.






Маленко тврди дека тој лично ја отворил гаражата на хотелот за да излезе Груевски, кој заминал со автомобил „фолксваген пасат“, кој го управувал неговиот шофер, а во колата биле и луѓе од неговото лично обезбедување. Семејството на Груевски, сопругата и ќерките, останале во хотелот и го продолжиле престојот.

Според Маленко, Груевски во Охрид пристигнал три дена претходно – на 7 ноември 2018 година, навечер, со две возила, едно возило на МВР од Шестата управа – обезбедување и следење, и

неговото приватно возило со шофер и обезбедување. Груевски стигнал со семејството а Маленко ги пречекал во гаража.

Престојот бил најавен по протокол од МВР како ВИП-гости, без да се каже точно за кого станува збор, што е стандардна безбедносна процедура.

Груевски подоцна стигна во Будимпешта, Унгарија, под неразјаснети околности, откако преходно поминал преку Албанија, Црна Гора и Србија. Во Македонија беше отворена истрага, но никој не сносеше одговорност.

На тврдењето на Маленко во емисијата „На кавга кај Иван“, реагираше самиот Груевски со објава на Фејсбук.

„Никогаш во животот не сум се сретнал и не сум разговарал со Александар Маленко, ниту пак тој бил некаква сериозна тема за било што.

Лага е дека последните неколку дена пред моето заминување од Македонија со моите деца и поранешна сопруга сум престојувал во хотелот кој тој го именувал во Охрид, а за кој говорел во еден од поткастите во Македонија, што лесно може да се утврди со нивното присуство во училиштето, односно работното место во тоа време, и големиот број средби кои ги имав во тие денови во Скопје.

Во истиот хотел сме престојувале истата година околу седум месеци порано, за време на Велигденските празници, од каде јас прв заминав неколку часа порано пред другите заради обврски.

Таму дознав дека хотелот е во сопственост на таткото на неговата сопруга во тоа време, откако ми пренесоа дека Маленко ме барал за време на појадокот кој тогаш јас го бев прескокнал.

Иако целата измислена приказна на овој човек, кој тврди дека бил активист во т.н. шарена револуција, е нелогична по многу основи, и иако со ретки исклучоци не практикувам да ги демантирам речиси секојдневните напади и лаги кон мене од разни страни, сепак со оглед дека недолжно и неправедно се спомнати членовите на моето поранешно обезбедување, кои немаат никаква врска со моето заминување од Македонија, се одлучив за оваа реакција“, напиша Груевски.

Поврзани содржини